Американските демократи официјално потврдија дека Камала Харис е нивниот кандидат за претседателските избори на 5 ноември за време на националната конвенција на партијата синоќа (20 август) во Чикаго.
Делегации од сите американски држави и територии повторно го дадоа својот глас за Харис во чисто церемонијално гласање придружено со музика, светлосни ефекти, кратки говори и многу овации во салата за настани.
Харис веќе официјално ја доби поддршката од повеќе од 4500 партиски делегати за да стане демократски претседателски кандидат за време на гласање преку интернет претходно овој месец.
Таа синоќа беше во Милвоки на настан кој е дел од нејзината изборна кампања. Таа се приклучи на церемонијата за номинација во Чикаго онлајн за да каже дека таа и Валц биле почестени што биле номинирани од партијата.
Харис им вети на Американците „иднина на слобода, можности, оптимизам и надеж“ додека се приклучи на партиската конвенција буквално од предизборниот митинг во Милвоки.
Видете и ова: Прв голем говор на Камала Харис како демократски претседателски кандидатДелегатите во Чикаго кренаа плакати „СЛОБОДА“, исти како оние што ги држеа нејзините поддржувачи на митингот во Висконсин.
Во меѓувреме, полицијата уапси неколкумина демонстранти по судирите меѓу полициски службеници и учесниците на пропалестински марш пред израелскиот конзулат во Чикаго.
Видете и ова: Уапсени 13 демонстранти на протестите за време на конвенцијата на демократитеСудирите избија откако демонстрантите се обидоа да стигнат до облакодерот во кој се наоѓа дипломатската мисија. Тие извикуваа слогани пред зградата и се обидоа да пробијат полициски кордон што ја опкружуваше, поради што полицијата употреби сила против демонстрантите.
Некои од демонстрантите го запалија американското знаме на улица. Други носеа палестински знамиња, а многу од демонстрантите беа облечени во црно и носеа маски.