Владата на Република Северна Македонија на денешната седница на 20 август донесе одлуки за именување нови кадровски решенија во неколку институции.
На позицијата в.д директор на Управата за финансиска полиција се именува Слободан Ивановски кој е магистер по правни науки со положен правосуден испит. Се наведува дека тој има долгогодишно работно искуство во Управата за јавни приходи, а во моментот е претседател за Комисија за прекршоци на УЈП - Регионална дирекција Прилеп.
Џеват Селами е именуван за вршител на должноста директор на Дирекцијата за заштита и спасување. Селами, се наведува во соопштението, е дипломиран правник, членувал во повеќе работни групи, бил професор во СУГС „Арсени Јовков“, а од 2013 до 2020 година бил раководител на одделение за управување со човечки ресурси, а во моментот е раководител на сектор во Дирекцијата за заштита и спасување.
Како што стои во соопштението владината прес служба, Владата му предложи на Собранието на ЕВН Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција и снабдување со електрична енергија, Скопје, од должноста член на Надзорниот одбор како претставник на Владата да го отповика Златко Лазиќ, а на негово место да го избере Бојан Николовски.
На владината седница бил разгледан и предлогот на Комисијата за разгледување на пријави од кандидати за јавниот оглас за именување на еден член на Регулаторната комисија за енергетика. На оваа позиција, Владата му предложина на Собранието да ја именува Елена Маркова Велинова.