Зголемен бројот на позитивни на Ковид во Северна Македонија

Илустрација

Зголемен е бројот на позитивни случаи на Ковид-19 во однос на минатата седмица, констатираше Комисијата за заразни болести на последниот состанок.

Затоа се потсетуваат граѓаните да ги почитуваат општите мерки за превенција од респираторни инфекции, соопштија попладнево од Министерството за здравство (МЗ).

„Да се избегнува групирање и подолг престој во затворени простории, редовно проветрување на просториите, почесто миење раце и избегнување близок контакт со заболени лица“, стои во соопштението.

Од Министерството нагласија дека вакцинацијата е најефикасен начин за заштита од тежок облик на болеста.

„На состанокот, Комисијата ја реафирмираше препораката дека тестирање за Ковид-19 не е услов за прием во здравствена установа. За Ковид-19 треба да се тестира исклучиво според индикација, односно, доколку пациентот има симптоми карактеристични за Ковид-19“, додаваат од МЗ .

Видете и ова: Заболени од Ковид има, простор за паника засега нема

Од Комисијата истакнале дека пациентите треба да се лекуваат од основната болест и во соодветната здравствена установа, дури и ако се позитивни на Ковид-19, со тоа што, како што се наведува, здравствената установа треба да обезбеди услови за минимизирање на опасноста од ширење на болеста на другите пациенти и на персоналот, со изолирање на позитивните пациенти.

Во јули пријавени се 250 случаи на Ковид-19 во земјава. Во однос на јуни, има десеткратно зголемување на бројот, како и во однос на јули 2023, стои во билтенот на Институтот за јавно здравје.

Најголем број се пријавени од Скопје, а највисока инциденца се регистрира во Кавадарци.

Регистрирано е едно починато лице асоцирано со Ковид-19.

Во лабораториите, се тестирале вкупно 906 материјали со повеќе од двојно зголемување на бројот на тестирани во однос на минатиот месец.

Од почетокот на пандемијата, заклучно со крајот на јули годинава, пријавени се вкупно 350.875 потврдени случаи на Ковид-19 и 9.992 смртни случаи, соопштуваат од ИЈЗ.