Грчките власти приведоа 76 мигранти на островот Крит

илустрација

Властите на јужниот грчки остров Крит денеска (20 август) привеле 76 мигранти откако на островот пристигнале со три чамци, додека шверцерите бараат нови рути во регионот за да ги избегнат патролите на крајбрежната стража.

Мигрантите биле од Сирија, Египет, Судан и Бангладеш, а меѓу нив имало шест деца, соопштија локалните власти. Оттаму велат дека тие пристигнале пред зори на малиот остров Гавдос, во близина на јужниот брег на Крит.

Вообичаено, тие се задржуваат за идентификација и натамошна обработка, по што можат да аплицираат за азил додека чекаат во бегалски кампови.

Шверцерите вообичаено ги таргетираат грчките острови блиску до крајбрежјето на Турција, но во последниве месеци тие се повеќе избираат подолги рути до Крит и островите во централното Егејско Море, каде патролите на крајбрежната стража се порелаксирани.

Видете и ова: Критики и предизвици за усвоената реформа на ЕУ за мигранти и азил

Грчката влада размислува и за формирање центри за процесирање на Крит, кои ќе бидат финансирани за да им помогне на локалните власти. Во моментов, мигрантите се сместени во спортски објекти, напуштени згради и училишта во текот на летните месеци.

Според податоците ажурирани од Агенцијата за бегалци на Обединетите Нации, повеќе од 28 000 мигранти пристигнале илегално во Грција оваа година, што е стапка малку пониска отколку во Италија и Шпанија. Според УНХЦР, стапката на мигранти кои илегално пристигнуваат во Грција е малку намалена оваа година по скокот по постпандемијата во 2023 година.

Грција е постојано критикувана од организациите за човекови права поради третманот на мигрантите кои се обидуваат да стигнат до нејзините брегови. Во јуни, таа го негираше извештајот на Би-Би-Си кој ја обвини нејзината крајбрежна стража за брутални практики што резултираа со десетици смртни случаи на мигранти.