Во конструктивна атмосфера, но без резултати заврши состанокот во Владата меѓу премиерот Христијан Мицкоски, министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
Главни теми на средбата биле две јавни претпријатија на Градот – „Комунална хигиена“ и „Јавното сообраќајно претпријатие“ (ЈСП).
На прес-конференција по средбата со Арсовска, Перински рече дека во Владата сега се уште позагрижени отколку што биле пред да се одржи состанокот.
„Нашите очекувања како Влада беа дека од страна на Градот ќе слушнеме некаков план или некакви реални потреби кои ние како влада можеме да помогнеме за тој да се реализира. Од нивна страна не слушнавме ништо конструктивно. Очајна е состојбата во Градот и во јавните претпријатија и како генерален заклучок се донесе дека немањето комуникација помеѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје е една фаза од препреките за реализација на проектите од страна на Градот“, изјави Перински.
Видете и ова: „На Скопје му фали генералка“ - Скопските градоначалници ги бараат Комунална хигиена и Паркови и зеленилаТој рече дека Арсовска предложила до крајот на оваа недела да состави план што да се направи и истиот во четврток би требало да биде презентиран пред советниците во Град Скопје. Владата, како што додаде, ќе помогне колку што и дозволуваат ингеренциите.
Во „Комунална хигиена“, едно од двете јавни претпријатија за кои разговарале, министерот сметаа оти проблемот таму е најактутен. За таму, според него, нема никаков заклучок од градски власти – ниту со каква механизација се располага ниту колку вработени има.
ЈСП, пак, нагласи Перински, за десетина дена, со стартот на учебната година, може да се најде во голем проблем.
„Добро е да се напомене дека од страна на Градот беше аргументиран фактот дека претходната влада нема исплаќано средства од буџетот за превоз на студентите кон ЈСП и практично тоа е пречката за нормално функционирање на претпријатието. Согласно ребалансот, оваа влада го сервисира долгот на ЈСП во делот на кредитната линија за набавката на автобуси. Се надеваме дека ќе имаме конструктивност, разбирање, пред сè меѓу вработените, во советот на Град Скопје, а ние како Влада стоиме на располагање“, рече Перински.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
На средбата од Владата не побарале Арсовска да си даде оставка.
На прес-конференцијата Перински неколку пати нагласи дека неисполнувањето на законските обврски на Градот, како што е на пример собирањето на отпад, е и кривично дело. Сепак, како Владата кажа дека не планираат да поднесат кривична за градоначалничката, но тој лично како скопјанец одговори „можеби“.
Состојбата со јавниот превоз во Скопје изминатите месеци е постојано мета на критики и реакции од граѓаните. Во моментов ЈСП вози со редуциран број автобуси односно по летен возен ред. Директорот на ова јавно претпријатие, Драги Кушовски, пред два дена изјави дека недостигаат 40-тина автобуси само за да се пополни летниот возен ред.
Проблем е и јавната хигиена поради што градоначалниците на општините во рамки на Град Скопје на 14 август побараа да се одземат ингеренциите на „Комунална хигиена“, но и на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“.
„Бараме одземање на надлежностите и ингеренциите, назначување на владин повереник и започнување на процес на расформирање на овие две јавни претпријатија и предавање на надлежностите но и обврските на секоја од скопските општини“, изјави градоначалникот на Кисела Вода и претседател на Заедница на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС), Орце Ѓоргиевски на 14 август.
Видете и ова: Скопскиот градски превоз ќе чека подобри времиња со нова локална власт?Меѓутоа, ова барање не било дискутирано на средбата на Арсовска со Мицкоски и Перински.
„Ние како влада бараме правен механизам како тоа би се спровело во рамки на постоечките закони бидејќи не е едноставно само да донесете заклучок без да се видат правните нормативи“, рече Перински.
Арсовска стана градоначалничка со поддршка од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на изборите во октомври 2021 година. Но, уште во првата година од мандатот патиштата им се разидоа поради меѓусебни обвинувања околу проектот за пречистителната станица.
Следните локални избори во Северна Македонија, на кои скопјани ќе гласаат за нов состав на Советот на Град Скопје и за градоначалник треба да се одржат во октомври 2025 година.