Ова е „одлучувачки момент“ во преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, изјави американскиот државен секретар Eнтони Блинкен, кој престојува во посета на Израел.
Тој зборуваше за последниот дипломатски притисок од страна на Вашингтон за постигнување договор меѓу Израел и Хамас за ставање крај на конфликтот. САД и ЕУ ја прогласија Хамас за терористичка организација.
Блинкен пред средбата со израелскиот претседател Исак Херцог рече дека ова е „веројатно најдобрата, можеби и последната шанса“ за израелските заложници да се вратат дома.
Највисокиот американски дипломат истакна дека Соединетите Држави, исто така, работат на тоа да се осигура дека нема да има регионална ескалација поради можниот ирански напад врз Израел по убиството на лидерот на Хамас, Исмаил Ханије во Техеран во јули.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во неделата (18 август) повика „да се изврши притисок врз Хамас“ и го осуди нивното „тврдоглаво отфрлање“ на договорот за прекин на огнот во Појасот Газа, непосредно пред посетата на Блинкен на Израел.
„Хамас опстојува на своето одбивање и не испрати ниту свој претставник на преговорите во Доха. Затоа, притисокот треба да биде насочен кон Хамас и неговиот лидер Јахја Синвар, а не кон израелската влада. Силниот воен притисок и силниот дипломатски притисок се само начини да ги ослободиме нашите заложници“, рекол Нетанјаху, соопшти неговата канцеларија, а пренесува АФП.
Видете и ова: Американскиот државен секретар Блинкен во посета на ИзраелИзраелските преговарачи одржаа разговори во Доха во четвртокот и петокот со катарските, египетските и американските посредници за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на заложниците. На патот назад, тие му го изразиле својот „умерен оптимизам“ на Нетанјаху.
„Постои надеж дека значителниот притисок од САД и посредниците врз Хамас ќе овозможи укинување на противењето на Хамас на американскиот предлог“, кој „вклучува елементи прифатливи за Израел“, соопшти кабинетот на премиерот.
Хамас во петокот објави дека ги отфрла „новите услови“ во овој предлог, осудувајќи го „американскиот диктат“.
Видете и ова: Мировни преговори без претставници на Хамас во ДохаВојната во Газа започна откако Хамас го нападна јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1200 луѓе и зеде 250 заложници.
По масакрот на Хамас, главно на цивили, Израел започна офанзива против Газа.
Според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас, во борбите загинале повеќе од 40 000 луѓе. На таа палестинска територија живеат околу 2,3 милиони луѓе.