Во руското гранатирање во источниот украински регион Доњецк загинаа трoјца, а повредени се девет лица, изјави на 19 август шефот на регионалната воена администрација Вадим Филашкин.
Тој рече дека има жртви во Мирноград, Торецк и Розлива.
Русија лансирала 11 беспилотни летала од типот Шахед кон Доњецк и неколку други региони, вклучувајќи го и Киев, но украинските воздухопловни сили соопштија дека сите тие биле пресретнати.
Ден претходно Русија истрела вкупно 16 проектили и беспилотни летала против цели во Украина. Киев соопшти дека Русите користеле две севернокорејски балистички ракети од типот КН-23 и три крстаречки ракети. Соборени се 13 беспилотни летала и проектили, додека три проектили не успеале да стигнат до своите цели, соопшти војската.
Нападите се случуваат во период кога Украина се обидува да ги зајакне своите позиции во руската област Курск, речиси две недели откако започна ненадејна контраофанзива на руска територија.
Украинските војници удриле два клучни моста на реката Сејм во Курск, што според аналитичарите е клучна тактика за да се обезбеди сигурно крило на офанзивата на Украина во Курск, со тоа што и отежнува на Москва да ги снабдува своите војници јужно од реката.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека украинската операција во Курск „сè уште нанесува загуби на руската армија и руската држава, нивната одбранбена индустрија и нивната економија“.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Тој во своето вечерно обраќање на 18 август рече дека неговиот висок воен командант, генерал полковник Олександр Сирски, му рекол дека ситуацијата на фронтот покажува „добри резултати“ во сите правци.
Покрај тоа, тој рече дека има „добри резултати во уништувањето на руската опрема во близина на Торецк“, град во областа Доњецк северно од регионалната престолнина.
Алексеј Кулемзин, градоначалник назначен од Русија во окупираниот град Доњецк, рече дека маж и жена биле убиени од украинско гранатирање на 18 август, според Ројтерс. Тврдењето не можеше да биде независно потврдено и немаше никаков коментар од Украина.
Во меѓувреме, руските власти во Москва ги интензивираа инспекциите меѓу мигрантите кои се стекнале со руско државјанство.
Видете и ова: Украина вели дека е погоден втор мост во рускиот регион КурскРускиот дневен весник Комерсант на 18 август објави дека воените истражители и полицијата извршиле рации на автобуски станици, магацини и хостели низ главниот град за да ја идентификуваат илегалната миграција и да обезбедат усогласеност со новите законски барања.
Ова доаѓа откако Државната Дума усвои закон на 31 јули со кој ги обврзува натурализираните Руси да се пријават во војската. На оние кои нема да се придржуваат, може да им биде одземено државјанството.