По објавата од косовските, а потоа и од македонските медиуми, дека претседателот на Собранието Африм Гаши „со службен автомобил бил по невеста во Косово“, неговиот Кабинет реагираше дека патувањето било „транспарентно и по протокол“.
“Претседателот на Собранието е придружуван од обезбедувањето 24/7, како што е наложено со закон. Овој безбедносен детал функционира строго во законската рамка и ги следи сите протоколи што ги бара државата. Претседателот на Собранието на 17 август 2024 година, заедно со неговото семејство, отпатува во соседната земја Косово. Оваа посета беше целосно транспарентна и усогласена со сите потребни процедури“, стои во реакцијата од Кабинетот на Гаши.
Косовскиот портал Индекс претходно објави видео од свадбена поворка во која, според медиумот, е „службеното возило на спикерот на македонското Собрание“ и под видеото објави објаснување: „Африм Гаши со службен автомобил оди да ја земе невестата“.
Видете и ова: МВР проверува дали собранискиот спикер Гаши со службено возило „земал невеста“ во КосовоНа ова реагираа од позициската Либерално демократска партија (ЛДП) со прашање „дали Гаши носел со себе патен налог и како може да го оправда патувањето и употребата на службеното возило“.
„Пред поаѓањето уредно беа известени и Министерството за внатрешни работи и МНР и e доставена сета потребна документација според утврдениот протокол за секое службено лице кое ја напушта државата. Надлежните органи можат да ја потврдат оваа информација, дека сите постапки се во согласност со одговорностите и обврските на претседателот на Собранието“, се вели во соопштението од Кабинетот на Гаши.
Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи (МВР), проверува дали Африм Гаши со службено возило заминал во Косово.
„Се вршат соодветни проверки со цел утврдување на фактичката состојба“, соопшти МВР.