Компанијата X најави прекин на работењето во Бразил

Сопственикот на Икс Илон Маск.

Социјалната мрежа Икс (X) објави дека ќе престане да работи во Бразил поради, како што соопшти американската компанија, обид за цензура од страна на судија на Врховниот суд, објави Асошиејтед прес (АП).

Во соопштението се вели дека судијата се заканил дека ќе го уапси правниот застапник на Икс во Бразил доколку не ја почитуваат судската наредба.

„По наредба на судијата Александре де Мораес, Икс веднаш го отстранува целиот преостанат персонал во Бразил“, се додава во соопштението од компанијата, а нејзината услуга ќе продолжи да биде достапна за бразилските граѓани.

Претходно, Икс се судри со судијата Де Мораес за слободата на говорот, активностите на екстремно десничарските сметки и ширењето на дезинформации.

Видете и ова: Мадуро ја блокираше социјалната мрежа Х

Илон Маск, сопственикот на Икс, го нарече Де Мораес „целосен срам за судството“ во твит на 17 август.

Во април, Де Мораес нареди истрага против извршниот директор на компанијата, Илон Маск, за ширење лажни вести и уште една истрага за можна опструкција и криминална организација.

Тогаш Икс објави дека неговите последни наредби се обид за цензура.

Канцеларијата за односи со јавноста на Врховниот суд на Бразил не одговори веднаш на прашањата на Асошиетед прес, во кои се бара коментар или потврда на автентичноста на документот.

Политичката десница во Бразил долго време го обвинува Де Мораес за пречекорување на неговите овластувања, за обид за ограничување на слободата на говорот и за политички прогон.