Судскиот совет на итна седница донесе одлука да се формира Комисија што ќе ја констатира фактичката состојба по однос донесените одлуки од страна на Основниот кривичен суд Скопје поврзани со случајот на Блерим Рамадани, кој избега од куќен притвор додека во тек беше екстрадициона постапка.
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, на 16 август на почетокот на седницата изјави дека формално за ништо од овој случај не е известена, но наведе дека Судскиот совет има должност да реагира по допрен глас.
„Сметам за потребно како прв човек на Судскиот совет дека треба да се формира комисија и час поскоро да се констатира фактичката состојба по однос на ова и пред јавноста да излеземе со конкретни податоци. Има нешто, се случувало“ рече, изјави Дамева.
Одлучено е Комисијата да биде во состав од координаторот на Основниот кривичен суд Скопје, судијата Александар Камбовски, заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели и членот на Судскиот совет Павлина Црвенковска.
Видете и ова: Поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани избегал од куќен притворПоранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Блерим Рамадани избега од домашен притвор од куќа на роднина во Северна Македонија, откако минатиот месец беше уапсен на косовско-македонската граница по потерница на Интерпол издадена по барање на Србија.
Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.
Рамадани беше уапсен на 17 јули на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка, но на 1 август мерката од надлежен македонски суд му била преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој според решението бил упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.
Министерот за правда на Северна Македонија Игор Филков рече дека одлуката на судијата Пајазит Пајазити кој мерката „притвор“ за Рамадани ја преиначил во „домашен притвор“, е неразбирлива и дека не е во согласност со досегашната пракса. Тој смета и дека Судскиот совет требал веднаш да го отвори прашањето за случајот со Рамадани.
„Очекував да бидат разгледани сите докази, аргументи и факти за одлуката на судијата Пајазит Пајазити. И секако, доколку бидат утврдени какви било неправилности и недоследности во постапката и процедурата или пак бидат утврдени влијанија при носење на судската одлука, истиот да биде санкциониран и разрешен од функцијата“, вели Филков.
Видете и ова: Мицкоски за Рамадани: Да не дозволиме нашите соседи да нѐ користат за меѓусебно покажување мускули
Откако избега од домашен притвор, министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, соопшти дека Белград бара објаснување од државните органи на Северна Македонија за бегството.
Претходно, прашањето за неговата екстрадиција беше покренато и при посетата на косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља на 31 јули. Свечља рече дека Скопје треба да одлучува самостојно и ја обвини Србија дека сака да ги наруши односите меѓу земјите од Западен Балкан.
Премиерот на Северна Македонија Христријан Мицкоски на 16 август рече дека случајот со Блерим Рамадани е уште една потврда зошто правосудниот има ниска доверба од два проценти кај граѓаните.
„Се додека вакви судии се дел од правосудниот систем ние не можеме да имаме правна држава“, рече Мицкоски и апелираше „да не дозволиме нашите соседи да ја користат нашата држава како прокси во покажување меѓусебни мускули“, рече Мицкоски.