Властите во Киев нема да создадат специјални кампови за руските цивили кои сакаат да се евакуираат поради тековниот упад на украинските сили во регионите Курск и Белгород, изјави украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец за Радио Слободна Европа, на 16 август.
Украинската влада соопшти дека напредувањето на нејзините сили во Курск и Белгород имало за цел да воспостави „безбедносна зона“ во Русија за да ги запре континуираните напади на руската војска од двата региони кои граничат со Украина, насочени кон цивилни и инфраструктурни објекти.
Лубинец рече дека не предвидува никакви закани за безбедноста на цивилното население од рускиот регион на територијата на Украина и оти верува дека бројот на цивили кои сакаат да се евакуираат во Украина ќе биде ограничен.
„Не очекуваме дека ќе има голем број подготвени да дојдат кај нас, доколку ги има. Понудете му на секој жител на Курск опција да се евакуира од оваа територија доколку сака“, рече Лубинец.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 15 август изјави дека украинските сили презеле целосна контрола над рускиот град Суја во областа Курск и најави дека украинската армија таму формира командна канцеларија.
Зеленски не прецизираше какви функции може да извршува командната канцеларија, иако претходно рече дека Украина ќе дистрибуира хуманитарна помош за жителите на Суја кои имаат потреба.
Претходно, врховниот воен командант на Украина, генерал-полковник Олександр Сирски, објави дека е создадена воена командна канцеларија за да се обезбеди ред и безбедност на цивилите за делови од регионот Курск контролирани од украинските сили.
Суја, со население од околу 5.000, е административен центар за пограничната област на регионот Курск и е поголем од кој било друг мал град или населено место за кое Украина вели дека нејзините сили го зазеле од почетокот на прекуграничниот упад на 6 август.
Врховниот командант на силите на НАТО во Европа, американскиот генерал Кристофер Каволи, реагирајќи на настаните во регионите Курск и Белгород, изјави дека реакцијата на Русија на украинското напредување на нејзина територија досега е бавна и хаотична.
„Русија сè уште се обидува да се организира и адекватно да одговори на упадот на Украина. Досега тоа беше само прилично бавен и расфрлан одговор. Делумно затоа што Русија не утврди кој има авторитет. Министерството за одбрана е одговорно за воените дејствија во Украина, но не во рамките на Русија, нели, тоа треба да биде Министерството за внатрешни работи“, рече Чаволи на состанокот на Советот за надворешни работи на 15 август.