Сиљановска Давкова ќе го потпише указот за измените на Законот за урбанистичко планирање

Гордана Сиљановска Давкова, претседателка на Република Северна Македонија

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова најави дека ќе го потпише указот за прогласување на измените на Законот за урбанистичко планирање што беа изгласани на 13 август во Собранието, но го повика ресорниот министер веднаш да почне со работа за подготовка на нов закон со учество на невладиниот сектор и опозицијата со цел, како што рече, да се решат проблемите со хаосот во урбанизмот.

„И во кампањата и во мојот инаугуративен говор реков дека ќе посегам по ветото, дека претходно ќе разговарам и со предлагачите и со пратениците. Разговарав со предлагачот, барав да ми ги образложи причините за скратната постапка, ми ги образложи, ги знаете причините. Вели дека е невозможно да се реализира помошта на општините доколку нема можност клучните објекти како училишта, градинки, гаражи, да се реализираат доколку не може да се префрлат средствата. Рече дека е подоготвен веднаш да формира широка комисија од хетероген состав, вклучувајќи ги невладините организации во неа“, изјави Сиљановска Давкова.

Видете и ова: Нов урбанистички закон за „штанцање“ градежни дозволи

Таа очекувала да има амандамни, но сега не биле поднесени.

„Јас и да го вратам законот, зад него има 64 пратеници, треба да има апсолутно мнозинство од 61 за да го потпишам. Ако немаше дискусии, ако немаше гласање против тогаш мислам дека ќе се повтори оваа ситуација. И затоа заклучувам, ќе го потпишам законот, мислам дека тоа треба да се направи денеска или утре“, изјави Сиљановска Давкова.

Собранието ги изгласа законските измени на 13. месецов, откако претходно во истиот ден добија поддршка во матичната собраниска комисија, без амандмани и без дискусија од пратениците. Забелешки изнесоа претставници на О2 иницијативата, кои заедно со повеќе други невладини организации вчера апелираа претседателката да не го потпишува Указот за Законот.

Според граѓанските организации, со измените на Законот за урбанистичко планирање ќе се носат застарени ДУП-ови чии параметри и мерења нема да одговараат на реалноста и ќе се уништува јавен простор. Наспроти нив, власта тврди дека главна причина за измените е поедноставување на процедурите за реализација на објектите што ги планираат општините со средствата што ќе ги добијат од пакетот средства обезбедени со ребалансот на Буџетот.