Судски совет констатираше престанок на судиската функција на Наќе Георгиев

Судски совет

Судскиот совет денеска на итна седница констатира престанок на судиската функција на Наќе Георгиев, судија на Врховниот суд кој е осуден на казна затвор во траење од три години за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева кажа дека иако претходно судијата Георгиев тврдеше дека е невин сепак се докажа дека никој, па ниту судија може да имм пркоси на фактите и доказите.

„Нема да се впуштам во коментриање на судската одлука и во коментирање на висината на казната, но сакам да упатам порака и да апелирам до граѓаните да не се плашат да пријавуваат било какво коруптивно дејствување. Да пријавуваат секогаш кога судија или посредник ќе му побара поткуп или било кое друго дејствија или ако му биде побарана било која друга услуга за противзаконито влијание или донесување судска одлука. Верувајте дека ние секогаш ќе го санкционираме таквиот случај. Убедена сум дека сме подготвени да го санкционираме сето ова и со тоа нема да дозволиме корумпирани судии кои го потонуваат и го газат судството да останат и ќе ги принудиме со наведнати глави, засрамени, ако воопшто имаат срам - судницата во која што требало да делат правда да ја заменат со затворски решетки“, рече Дамева.

Судијката Антоанета Димова кажа дека не е задоволна од изречената казна против судијата Наќе Георгиев.

„Сметам дека за судиите мора да се изрекуваат построги казни. Добро е што е осуден, но сметам дека оваа казна не е соодветна на она што е направено. Би апелирала до нашите судии, сепак да бидат похрабри. За ситеможат да постојат олеснителни околности, но за судиите не постојат. Или си чесен или не си, или имаш интегритет или немаш“, рече Димовска.

Инаку врховниот судија во четвртокот потпиша спогодба со Обвинителството. Признал вина и прифатил да му биде изречена казна затвор од три години и забрана за вршење на професијата. Претходно истото го направи и членот на Советот на јавни обвинители Иџет Меџити кој призна дека зел поткуп, прифати спогодба со Обвинителството и беше осуден на условна казна.

Видете и ова: Обвинителството се спогоди со Наќе Георгиев - три години затвор за судијата и забрана за вршење на професија

Според Законот за судовите на судија му престанува мандатот, ако меѓу другото е осуден на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.

На денешната итна седница на Судскиот совет беше отворено и прашањето за последнитe одлуки на судијата Пајазит Пајазити кој му определи екстрадициски куќен притвор на припадникот на УЧК, Блерим Рамадани, мерка која ја извршуваше кај роднини во Скопје но вчера избега и сега се наоѓа во Приштина, но и за одлуката да биде прифатен предлогот членот на Советот на јавни обвинители Иџет Меџити кој призна дека зел поткуп да биде осуден на условна казна.

Видете и ова: Поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани избегал од куќен притвор

Отворено беше и прашањето зошто судијата Душан Јосифов исто како неговиот колега Пајазити, го прифатил предлогот на Обвинителството, судијата Наќе Георгиев да биде казнет три години затвор за поткуп од 10 000 евра.

Дамева рече дека е потребно да се формира комисија која час поскоро ќе ја утврди фактичката состојба во врска со случајот со Рамадани.

Комисијата која ќе утврдува што точно се случило и како и зошто судиите донеле такви одлуки е составена од членовите на Судскиот совет Александар Камбовски, Ханиф Зендели и Павлина Црвенковска.