Официјалните лица на Крим окупиран од Русија, во текот на ноќта го затворија мостот Керч, кој го поврзува украинскиот полуостров со Русија, откако се слушнале експлозии во областа.
Речиси 2000 возила чекаа да го преминат мостот Керч во петок (16 август) откако експлозии предизвикаа мала штета во градот Керч, за која се верува дека е резултат на напади со украински беспилотни летала, јави украинската служба на Радио Слободна Европа.
Прорускиот телеграмски канал Крим Ветар објави видео во кое се тврди дека ја прикажува експлозијата која предизвикала „голем пожар“.
Мостот Керч долг 19 километри, преку кој поминува патниот и железничкиот сообраќај, беше отворен во 2018 година и служи како важна рута за снабдување на руските сили кои окупираат делови од јужна Украина.
Тој беше оштетен од украинските напади во октомври 2022 и јули 2023 година и често беше затворен поради безбедносни инциденти.
Три беспилотни летала наводно биле соборени во близина на пристанишниот град Севастопол, дом на руската Црноморска флота.
Видете и ова: Москва: Спречен украински напад на Кримскиот мостРуското Министерство за одбрана во четвртокот објави дека „неутрализирало“ пет украински дронови и два поморски беспилотни летала.
На социјалните мрежи се појавија извештаи за експлозии во близина на областа Черноморск и главниот град на Крим, Симферопол.
Нема информации за сериозна материјална штета, а украинската војска не ги коментираше извештаите.
Помошникот на рускиот претседател и шеф на Советот за безбедност, Николај Патрушев, за весникот „Известија“ во четвртокот изјави дека украинскиот упад во западниот руски регион Курск, започнат на 6 август, бил „планиран со помош на НАТО и западните специјални служби“, повторувајќи ги тврдењата на бројни руски функционери во последните денови.
Патрушев рече дека тврдењата на САД и другите западни земји дека тие не биле вмешани „не се точни“.
Властите во сибирскиот регион Иркутск соопштија дека еден член на екипажот загинал кога бомбардер Ту-22М3 се урна за време на вежба во средата. Уште тројца се спасени и хоспитализирани, напиша на Телеграм гувернерот на регионот Иркутск Игор Кобзев.