Европската унија (ЕУ) ѝ порача на Србија дека одржувањето врски со Русија за време на агресијата против Украина не е компатибилно со вредностите на Унијата и со процесот на пристапување.
Реакцијата на Брисел дојдоа по средбата на српскиот вицепремиер Александар Вулин со претставници на Кремљ во Москва и тврдењата за разузнавачка соработка со Русија.
„Европската унија беше кристално јасна со нашите партнери: односите со Русија не можат да бидат нормални по неиспровоцираната и неоправдана агресивна војна на Русија против Украина“, се вели во одговорот за Радио Слободна Европа (РСЕ) на 15 август.
Од Брисел велат дека ЕУ „сака да смета на сите земји кандидати како доверливи европски партнери за заеднички принципи, вредности, безбедност и просперитет“.
Видете и ова: Вулин најави продолжување на енергетската соработка меѓу Србија и РусијаВулин, како што соопшти Владата на Србија, им се заблагодарил на руските безбедносни структури за предупредувањето за подготовка на масовни немири и обид за државен удар во Србија.
Со секретарот на Советот за безбедност на Русија Сергеј Шојгу во Москва, Вулин разговараше за „активно учество на надворешни сили во вештачко предизвикување тензии“.
Владата ги опишува протестите против ископувањето на литиум како „обид за државен удар“, кој донесоа десетици илјади луѓе на улиците во Белград и другите градови во последните недели.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, обвини неименувани западни земји дека стојат зад протестите.
Во пресрет на протестот во Белград на 11 август, Вучиќ изјави и дека во Србија пристигнале предупредувања од руските служби „дека се подготвуваат масовни немири, чија крајна цел е државен удар и соборување на раководството во земјата. "
Протестот помина без поголеми инциденти.
По блокадата на една од железничките станици во градот, уапсени се тројца активисти, кои беа обвинети за нарушување на јавниот ред и мир. Тие беа пуштени да се бранат од слобода. Организаторите ги опишаа овие апсења како форма на владина репресија.
Видете и ова: Протест пред Владата во Белград поради апсење на активистиИсто така, тие постојано негираа дека целта на протестот е рушење на власта.
„Власта се менува на избори, ако некој очекуваше преку наш грб да дојде на власт, греши. Целта на протестот е да се собере народот и светот да види колку луѓе се против проектот за ископ на литиум“, изјави за РСЕ Небојша Петковиќ од здружението „Не го даваме Јадар“.
Како што рече, нивното здружение „не е финансирано од странци, туку од жителите на Србија кои им плаќаат донации“.
Владата на Србија и Безбедносно-информативната агенција (БИА) не одговорија на прашањата на РСЕ за тоа какви информации му дале руските служби на Белград.
Нема одговор ниту на прашањето врз основа на кои докази се тврди дека протестите против литиумот се обид за рушење на власта, а западните земји ги поддржуваат.