Бугарскиот претседател Румен Радев го потпиша неодамна усвоениот амандман со кој се забранува „промоција“ на ЛГБТ во училиштата и покрај повиците на бугарските интелектуалци да стават вето, додека групите за заштита на правата се подготвуваат да одржат протест против мерката на 15 август.
Законот со кој се забранува „пропаганда, унапредување или поттикнување“ во образовниот систем на „идеи и ставови поврзани со нетрадиционална сексуална ориентација и/или родов идентитет различен од биолошкиот“, ќе биде објавен во службен весник на 16 август.
Стотици бугарски академици во отворено писмо го повикаа претседателот Румен Радев да стави вето на амандманот, јавува бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа.
Промените имаат за цел да го решат „проблемот што не постои“ во бугарскиот училишен систем, се вели во писмото, и наместо тоа ги „нормализираат политичките напади“ врз ЛГБТ заедницата.
Видете и ова: Бугарскиот парламент забрани ЛГБТ „промоција“ во училиштатаКомесарот за човекови права на Советот на Европа, Мајкл О'Флаерти, исто така, го повика Радев да не го потпишува нацрт-законот, додавајќи дека е „длабоко загрижен“ поради забраната.
Радев не ги коментираше повиците, но неговата канцеларија за односи со медиумите соопшти дека тој „го изразил својот став кон измените“ со потпишувањето на законот.
Толпа демонстранти се собраа на 7 и 8 август во бугарската престолнина Софија, откако пратениците на 7 август го усвоија амандманот на Законот за предучилишно и училишно образование.
Групите за човекови права најавија нов протест на 15 август.
Амандманот беше предложен од проруската крајнодесничарска партија „Преродба“ и беше усвоен со 159 гласа „за“, 20 „против“ и 10 воздржани.
Пратениците гласаа и за друг амандман на законот за образование, кој ја дефинира „нетрадиционалната сексуална ориентација“ како „различна од општоприфатените и воспоставени претстави... [и] привлечност меѓу лица од спротивниот пол“.
Поддржувачите на амандманите велат дека тие го одразуваат духот на бугарскиот устав, кој предвидува дека бракот е само меѓу маж и жена и се заснова на православните христијански вредности.
Видете и ова: Загрижувачка регресија на правата на ЛГБТ во Источна ЕвропаБугарската православна црква ги поздрави измените во соопштението објавено на 8 август.
Но, многу групи за човекови права го критикуваа овој потег, нарекувајќи го „напад“ врз правата на децата.
Предлагачите на законот, партијата Преродба и сите што гласаа за законот тврдат дека тој е „заштита на младите“, се вели во соопштението на ЛГБТ групата за застапување ИЛГА-Европа.
„Вистината сепак е дека ова е напад на правата на децата, особено на ЛГБТИ децата“, се вели во соопштението.
Домашните и меѓународните ЛГБТ групи рекоа дека формулацијата на бугарските законски измени има сличности со законите за „ЛГБТ пропаганда“ во Русија и Унгарија, кои групите за права ги критикуваа за кршење на слободата на изразување и промовирање на дискриминација и злоупотреба на ЛГБТ луѓето.
Истражувачите и организациите за човекови права рутински ја рангираат Бугарија меѓу најлошите земји во Европа за правата на ЛГБТ.