Обвинителството склучи спогодба со врховниот судија Наќе Георгиев кој е осомничен дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание, соопшти Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) на 15 август. Георгиев со спогодбата прифатил да му биде изречена казна затвор од три години и забрана за вршење на професија.
Истражната постапка против врховниот Георгиев и членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети беше отворена во мај, откако беше објавено дека барале пари, а за возврат ветувале дека можат да му ја олеснат положбата на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев кој е осомничен за шверц на дрога. Барањето поткуп го пријавил синот на Стојчев.
Од ОЈО ГОКК денеска наведоа дека осомничениот Георгиев ја потпишал предлог – спогодбата и дека не спори дека го сторил кривичното дело.
„Имајќи ја предвид запретената казна затвор од една до десет години за ова кривично дело, прифатил да му биде изречена казна затвор во траење од три години, како и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од три години“, наведуваат денеска од ОЈО ГОКК.
Видете и ова: Иџет Мемети призна вина за примање митоВчера (14 август) и обвинетиот член на Советот за јавни обвинители Иџет Мемети признал вина за примање мито за противзаконито влијание и се спогодил со Обвинителството. Тој поднел и неотповиклива оставка од Советот на јавните обвинители.
Според спогодбата со Обвинителството Мемети ќе добие условна затворска казна од една година која нема да се изврши доколку осомничениот во рок од три години не стори ново кривично дело.
Во денешното соопштение на ОЈО ГОКК се вели дека според прибраните докази и наведеното во предлог - спогодбата, Георгиев од 06.04.2024 година до 20.05.2024 година во Струмица и Скопје, како службено лице – судија во Врховен суд на РСМ со искористување на своето претпоставено влијание, службена и општествена положба и углед, за наводна интервенција во предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во два наврати директно побарал и примил награда од вкупно 15.000 евра во денарска противвредност од 922.500,оо денари.
„Откако на почетокот на месец април 2024 година, сведокот, против чиј татко се водела постапката, побарал помош од Н.Г, тој, како награда за да ги утврди околностите за интервенирање во кривичната постапка, побарал 5.000 евра од сведокот кои му биле предадени на Н.Г во неговиот дом во Струмица. На средбата Н.Г му рекол на сведокот дека ќе се обиде да издејствува минимална затворска казна од три години затвор за неговиот татко. Потоа сведокот и Н.Г. имале уште неколку средби и на една од нив Н.Г му кажал на сведокот дека за сума од 30.000 евра преку осудениот И.М. кој е заменик претседател и член на Советот за јавни обвинители наводно ќе интервенираат да се спроведе постапка за спогодување со неговиот татко – осомничен во предмет што се водел во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни супстанции од чл.215 ст.3 в.в. со ст.1 од Кривичен законик“, стои во соопштението од ОЈО ГОКК.
Видете и ова: Обвинителството истражува двајца кандидати од Академијата за судии и јавни обвинителиПритоа, во соопштението се вели дека Георгиев појаснил дека при утврдување на видот и висината на казната на татко му ќе му биде предложена и утврдена казна затвор од пет години, како минимална казна за предметното кривично дело, напоменувајќи му на сведокот дека доколку не се интервенира, татко му, по поднесен обвинителен акт, во судска постапка ќе добие многу поголема затворска казна и дека за цело времетраење на постапката, ќе му биде продолжувана мерката притвор.
„Осомничениот Н.Г. му ветил на сведокот дека во иднина преку неговото реално влијание, службена и општествена положба и углед како судија во Врховниот суд, преку други лица, ќе интервенира, тогаш веќе осудениот татко на сведокот, да добива погодности во текот на издржувањето на казната затвор, а по исполнувањето на условите да добие и условен отпуст од издржување на затворската казна. За да ги поткрепи своите ветувања осомничениот Н.Г. во три наврати во присуство на сведокот, преку апликацијата Ватсап комуницирал со осудениот И.М, кој разговор го слушал и сведокот, кога осудениот И.М кажал дека наводно се преземени сите дејствија за интервенирање за да биде одобрено барањето за склучување на предлог спогодбата така како што ветувал осомничениот Н.Г.“, велат од Обвинителството.
По постигнатиот договор и наводните преземени дејствија за интервенирање, осомничениот Н.Г и сведокот се договориле наградата во износ од 20.000 евра да му биде дадена по потпишувањето на предлог спогодбата и нејзиното одобрување од страна на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, со што би се потврдило нивното влијание.
Видете и ова: Актуелниот Судски совет „трн во око“ на новата властОткако спогодбата со осомничениот татко на сведокот била потпишана и потврдена од судот на 20.05.2024 година, осомничениот Георгиев и сведокот истиот ден се сретнале на паркинг просторот кај Хотел Вип, се вели во соопштението.
Георгиев пристигнал со ПМВ Ауди А6, излегол од автомобилот и влегол во возилото на сведокот, ПМВ Пасат и по краток разговор, сведокот му предал бело хартиено плико во кое имало половина од наградата, во износ од 10.000 евра.
„Осомничениот Н.Г. го ставил пликото во внатрешен џеб од неговото сако, излегол од возилото и се вратил во неговото возило. Во тој момент овластени полициски службеници пристапиле до возилото на врховниот судија кој седел на возачкото место и во еден момент тој го извадил пликото со паричните средства и го ставил помеѓу возачкото и совозачкото седиште каде при преглед на возилото биле пронајдени 10.000 евра кои претходно биле крим- технички обработени“, појаснуваат од Обвинителството.