Османи: Косово не треба да ја прашува Србија за мостот на Ибар

Вјоса Османи

Претседателката на Косово Вјоса Османи порача дека Косово не треба да ја прашува Србија за отворање на мостот на територијата на Косово и дека не треба да се прифати тоа прашање да се разговара во бриселскиот дијалог.

Според неа, последните изјави на Европската Унија (ЕУ) на оваа тема се „расистички“ и во таа насока треба целосно да се координираат со САД.

„Што се однесува до Европската Унија, изјавите на нејзините функционери се расистички, не верувам дека заслужуваат внимание од моја страна. На секој начин се спротивставувам на дискусијата за отворање на мостот во Брисел. Нема што да бараме од Србија“, рече таа.

Претставникот на Европската Унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, во средата, на 14 август, рече дека сугестиите дека ЕУ е против отворањето на главниот мост на реката Ибар или дека ја променила својата позиција на оваа тема се погрешни.

„Добрата администрација ја разбира чувствителноста на малцинството. Ќе разговараме како да го спроведеме договорот за отворање на мостот на следниот состанок во Брисел“, рече Лајчак.

Овој мост, кој ја дели Јужна Митровица со мнозинско албанско население од Северна Митровица со српско мнозинство, е отворен за пешаци, но не и за автомобили.

Видете и ова: Ховениер: Отворањето на мостот во Митровица во овој момент може да ги загрози американските војници

Мисијата на НАТО во Косово, КФОР, предупреди дека нема да се двоуми да одговори на безбедносните случувања.

Косовската претседателка Вјоса Османи, исто така, во четвртокот рече дека Косово мора да се погрижи мостот на север да биде отворен на начин што нема да предизвика конфликт со сојузниците на земјата, ниту да го зголеми присуството на мисијата на НАТО во Косово, КФОР.

„Мостот мора да се отвори, но мораме да внимаваме кога ќе се отвори секогаш да биде отворен, а не кога ќе се отвори да поттикнува многу поголемо присуство на НАТО на него. Дали е во интерес на Косово да види конфликт меѓу косовската полиција и американските војници? Не верувам дека има Албанци кои се согласуваат со ова. Ние немаме причина да се судриме со сојузниците, тие не спасија“, изјави Османи.

Видете и ова: Вучиќ: КФОР да не дозволи еднострано отворање на мостот Ибар

Владата на премиерот Албин Курти инсистираше на отворање на мостот за сообраќај на возила и покрај постојаното противење на Меѓународната заедница и локалните Срби.

Мостот во моментов е отворен само за пешаци, иако како дел од дијалогот Косово-Србија беше договорено тој да биде отворен и за сообраќај на возила.