„Политико“: Шекеринска и Габриел кандидатки за заменички на генералниот секретар на НАТО

Радмила Шекеринска

Две високи поранешни функционерки од Северна Македонија и од Бугарија, Радмила Шекеринска и Марија Габриел, се меѓу оние кои се натпреваруваат да станат иден заменик на шефот на НАТО, пишува денеска(15 август) бриселски „Политико“.

Актуелниот заменик, Мирчеа Џоана, кој ја извршува функцијата од 2019 година, се очекува да се повлече за да се кандидира на претседателските избори во Романија во ноември, изјавија претставници на НАТО за „Политико“.

Висок дипломат на НАТО од Западна Европа вели дека постои општ консензус меѓу сојузниците дека источноевропеец треба да биде назначен за заменик на Руте.

Разговорите во седиштето на НАТО се фокусираат на две поранешни функционерки од Северна Македонија и од Бугарија, две балкански земји кои некогаш биле под советска контрола до крајот на Студената војна, пишува „Политико“.

Името на поранешната министерка за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска нашироко се спомнува, според дипломат на НАТО и висок функционер на Алијансата. Доколку биде избрана, таа ќе биде највисокиот функционер на НАТО досега од регионот на Западен Балкан надвор од Европската унија. Земјата влезе во НАТО пред четири години, а Шекеринска имаше клучна улога во нејзиното членство.Шекеринска моментално е потпретседател на Партијата на европските социјалисти. Во едно интервју по руската инвазија на Украина, таа го отфрли тврдењето на Русија дека проширувањето на НАТО кон исток е „злобен план на Западот“. „Напротив, првично големите членки на НАТО немаа посебен апетит за проширување“, рече Шекеринска, наведува „Политико“.

Видете и ова: Запознајте го новото лидерство во ЕУ и НАТО: моќниот, јастребот и неавантуристот

Друг кандидат е поранешната вицепремиерка на Бугарија и поранешна еврокомесарка, Марија Габриел, според двајца функционери со директно знаење за нејзините планови. Габриел не одговорила на барањето за коментар.

Делегациите на Бугарија и на Северна Македонија во НАТО не ги коментираат кандидатурите. И НАТО одби да коментира.

Иако двете балкански кандидатки се сметаат за фаворити, има и други предлози кои ги разгледува Руте. Поранешниот летонски премиер Кришјанис Каринш, кој некогаш ја сакаше работата на Руте, се бори да биде негов заменик, според висок летонски функционер кој побарал да остане анонимен.

Според двајца дипломати на НАТО, Полска и Турција - и двете со сериозни воени капацитети, размислуваат да понудат свои кандидати.

Примарната улога на заменикот на генералниот секретар е да го заменува шефот и да претседава со состаноците на 32-та амбасадори во Северноатлантскиот совет двапати неделно или на кој било итен состанок, вклучувајќи го и Советот НАТО-Украина.

Руте ќе ја преземе функцијата во НАТО на 2 октомври, во време кога воената алијанса се стреми кон итна мисија да го поддржи источното крило со цел да спречи каква било потенцијална руска агресија. Германија, на пример, проценува дека Русија би можела да биде подготвена воено да ги нападне земјите на НАТО за пет до осум години, доколку одлучи да го стори тоа.