Најмалку 1,4 милиони девојчиња во Авганистан не добиле пристап до средно образование откако Талибанците се вратија на власт во 2021 година, соопшти на 15 август УНЕСКО (Агенција за образование, наука и култура при ООН).
„За само три години, де факто властите речиси избришаа две децении постојан напредок на образованието во Авганистан, а иднината на цела генерација сега е загрозена“, се вели во соопштението на УНЕСКО.
Инаку денеска Талибанците одбележуваат три години откако нивните сили го зазедоа главниот град на Авганистан, Кабул, на 15 август 2021 година, откако владата поддржана од САД беше урната и нејзините водачи избегаа во егзил.
Повлекувањето, договорено од Соединетите Држави и Талибанците на 29 февруари 2020 година, овозможи враќање на радикалното исламистичко движење на власт 20 години откако беше соборено од американските сили по терористичките напади врз Соединетите Држави на 11 септември 2001 година.
Талибанската влада останува непризнаена од која било друга држава.
По враќањето на Талибанците на власт, жените се истиснати од јавниот живот, забранети им се работни места, како и посета на паркови и спортски сали, а забрането им е средно и високо образование.
Обединетите Нации ги опишаа овие ограничувања како „родов апартхејд“.
Видете и ова: Талибанците со воена парада за годишнината од преземањето на КабулСега има речиси 2,5 милиони девојчиња лишени од правото на образование, што претставува 80 отсто од авганистанските девојчиња на училишна возраст, соопшти УНЕСКО. Ова претставува зголемување за 300 000 од претходното пребројување спроведено од агенцијата на ОН во април 2023 година.
„Како резултат на забраните наметнати од де факто властите, на најмалку 1,4 милиони девојчиња намерно им е забранет пристапот до средно образование од 2021 година“, соопшти УНЕСКО.
Пристапот до основното образование, исто така, нагло опаднал, со 1,1 милион помалку девојчиња и момчиња кои посетуваат училиште, додава агенцијата. За падот ја обвинуваат одлуката на властите да им забранат на наставничките да им предаваат на момчиња, како и недостигот на поттик за родителите да ги испраќаат децата на училиште.
Агенцијата е „алармирана од штетните последици од оваа сè помасовна стапка на осипување, што може да доведе до пораст на детскиот труд и раните бракови“.
Подеднакво загрижувачки се и уписите во високото образование, се вели во соопштението, во кое се додава дека бројот на студенти е намален за 53 отсто од 2021 година.
Генералната директорка на УНЕСКО Одри Азуле ја повика Меѓународната заедница да остане мобилизирана „за да се обезбеди повторно отворање на училиштата и универзитетите за авганистанските девојки и жени“.
Недостатокот на пристап до образование е меѓу главните критики од страна на Авганистанците кон талибанските власти.