Официјални лица во руската област Курск во четврток (15 август) наредија задолжителна евакуација на цивилите од целата област Глушков.
Вршителот на должноста гувернер на регионот Курск, Алексеј Смирнов, во објава на Телеграм ги повика жителите „да се однесуваат кон сегашната ситуација со разбирање и да ги почитуваат сите препораки на безбедносните агенции и локалните власти“.
Властите во Украина во средата изразија загриженост за хуманитарната ситуација во регионот Курск и најавија мерки за помош на раселените Руси, вклучително и оние кои сакаат да се евакуираат во Украина, објави украинскиот сервис на Радио Слободна Европа.
„Украина ги почитува сите норми на меѓународното хуманитарно право. Ќе им ја обезбедиме на цивилите од регионот Курск потребната заштита и хуманитарна поддршка“, напиша Министерството за реинтеграција на фејсбук.
Округот Глушков се наоѓа во близина на округот Суџа, кој е место на најинтензивните борби откако Украина започна воен упад на руска територија на 6 август. Пред војната во таа област живееле околу 20 000 луѓе.
Украинските власти тврдат дека Украина контролира 74 населени места и 1000 квадратни километри руска територија.
Тврдењата за состојбата на бојното поле не можеа да бидат независно проверени.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Русија прогласи федерална вонредна состојба за регионот Курск и регионална вонредна состојба за соседната област Белгород. Москва прогласи и „антитерористичка операција“ во регионите Курск, Белгород и Брјанск.
Украинската војска во четвртокот соопшти дека Русија нападнала најмалку девет региони во текот на ноќта со ракетни и беспилотни напади, од кои повеќето биле лансирани од воздушни бази во Русија. Наведено е дека се „уништени“ 29 дронови.
Украинската војска доцна во средата потврди дека извршила напади со беспилотни летала на четири аеродроми во руските региони Воронеж, Курск и Нижни Новгород, предизвикувајќи голема штета.
Претходно, извор од украинската агенција за безбедност за украинскиот сервис на РСЕ изјави дека тоа е најголемиот напад врз руските аеродроми, откако Москва ја започна инвазијата на Украина во февруари 2022 година.