Српскиот вицепремиер Александар Вулин во Москва се сретна со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, со кого, како што соопшти Владата на Србија на 14 август, се согласи дека „двете земји се заинтересирани за натамошно подобрување на српско-руското стратешко партнерство“.
„Потпретседателот Вулин повтори дека е горд што Србија не е дел од антируската хистерија и што не воведе санкции кон Руската Федерација“, се наведува во соопштението на Владата за медиумите.
Се додава дека Вулин и Лавров меѓу другото разговарале за моделите и механизмите за воспоставување соработка меѓу Република Србија и организацијата БРИКС.
Вулин е во повеќедневна официјална посета на Москва. На 12 август тој изјави дека Србија нема да воведе санкции кон Русија и дека руско-српската трговска соработка продолжува „и покрај обидите да се воведат ограничувања“.
Видете и ова: Српскиот вицепремиер Вулин во Москва на средба со врвот на руските безбедносни служби
Ова е негова втора официјална посета на Русија откако на 2 мај беше избран за вицепремиер на Владата на Србија. Поради неговите блиски врски со Кремљ, Вулин е на списокот со санкции на Соединетите Американски Држави.
Руската инвазија на Украина влезе во својата трета година и во тој период Србија не се откажа од врските со Русија. Официјално, Белград го поддржува територијалниот интегритет на Украина, но одбива да воведе санкции кон Москва, која како земја-кандидат за членство во Европската унија ја бараат нејзините западни партнери.
Одбивањето е оправдано со пријателските врски со Русија, но и со поддршката што ја добива од неа на меѓународен план.