Талибанците со воена парада за годишнината од преземањето на Кабул

Воена парада на Талибанците од третата годишнина од преземањето на Кабул

Талибанците ја прославија третата годишнина од враќањето на власт во Авганистан со воена парада на 14 август, во време на, како што велат меѓународните хуманитарни групи, една од најголемите и најкомплексните хуманитарни кризи во светот.

Талибанските сили го зазедоа главниот град на Авганистан, Кабул, на 15 август 2021 година, откако владата поддржана од САД пропадна и нејзините водачи побегнаа во егзил.

Воената парада на 14 август се одржа на аеродромот Баграм, околу 40 километри северно од Кабул, кој некогаш беше најголемата американска воена база во Авганистан. Публиката од околу 10.000 мажи вклучуваше високи талибански функционери. На жените им беше забрането присуство.

Униформирани војници маршираа носејќи лесни и тешки митралези, со мотоцикл формација со талибанско знаме. Парадата исто така беше можност да се прикаже дел од воената опрема која беше оставена од силите на САД и НАТО по децении војна како хеликоптери, теренски оклопни возила и тенкови.

Талибанскиот премиер Мохамед Хасан Ахунд, кој требаше да се појави на Баграм, ја пофали победата на талибанските власти над „западните окупатори“ во изјавата што ја прочита началникот на неговиот кабинет.

Талибанската влада има „одговорност да го одржува исламското владеење, да го заштити имотот, животите на луѓето и почитувањето на нашата нација“, се вели во соопштението.

Талибанските власти се непризнаени од која било друга држава, со ограничувања за жените, кои го носат товарот на политиките на радикалната група што Обединетите нации ја нарекоа „родов апартхејд“.

Во август на 2021 година последните меѓународни трупи предводени од САД го напуштија Авганистан во услови на хаотично повлекување.

Видете и ова: ХРВ: Талибанците во Авганистан ја создадоа најсериозната светска криза за правата на жените


Повлекувањето, договорено од Соединетите Држави и талибанците на 29 февруари 2020 година, овозможи враќање на радикалното исламистичко движење на власт 20 години откако беше соборено од американските сили по терористичките напади врз Соединетите држави на 11 септември 2001 година.