Обвинетиот член на Советот за јавни обвинители Иџет Мемети признал вина за примање мито за противзаконито влијание и се спогодил со Обвинителството. Тој поднел и неотповиклива оставка од Советот на јавните обвинители. Во истиот предмет тој е обвинет заедно со врховниот судија, Наќе Георгиев.
Според спогодбата со Обвинителството Мемети ќе добие условна затворска казна од една година која нема да се изврши доколку осомничениот во рок од три години не стори ново кривично дело.
„Судот да му изрече и Забрана за вршење професија, дејност или должност на службено лице во период од 3 (три) години, бидејќи истиот ја злоупотребил својата професија, дејност или должност заради извршувањето на кривичното дело и врз основа на природата на извршеното дело и околностите под кои е сторено, може да се очекува дека таквата дејност ќе ја злоупотреби за повторно вршење кривично дело“, е наведено во соопштението на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Видете и ова: Уапсен судија од Врховниот суд за „примање награда за противзаконито влијание“Во обвинителеското соопштение е наведено дека обвинетиот по соочувањето со прибраните докази со самото потпишување на предлог – спогодбата ја признал вината, односно не го спорил кривичното дело што му се става на товар и е согласен со предложената кривична санкција.
Судијата Наќе Георгиев кој е во притвор и Мемети се осомничени дека му ветувале на синот на осудениот ексградоначалник Боро Стојчев дека за 10.000 евра ќе му помогнат на татко му во друга истрага што исто така се води во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Предлог-Спогодбата со сите прибрани докази е доставена до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје кој треба да закаже рочиште за оцена на предлог – спогодбата и доколку истата биде оценета како прифатлива, надлежниот суд ќе донесе пресуда која се заснова врз предлог-спогодбата.
Истражната постапка против две лица беше започната на 20 мај годинава кога врховен судија беше фатен на дело при извршување на кривичното дело.