Косовскиот премиер Албин Курти на денешната седница на Владата изјави дека продолжуваат консултациите со меѓународните партнери за отворање на мостот на реката Ибар што ги дели двете општини - Јужна и Северна Митровица.
Во моментот мостот на Ибар, од чија јужна страна живее мнозинско албанско население, а на северната мнозинската српска заедница, е отворен само за пешаци.
Курти изјави дека во вторникот разговарал и со командантот на КФОР за ова прашање како дел од редовните и тековните консултации.
„Помошта на КФОР е многу важна во однос на ова прашање, разговарав со командантот Озкан Улуташ за отворањето на главниот мост на Ибар во Митровица. Веруваме дека отворањето на мостот ќе биде од корист за сите. Претставивме и извештај за стабилноста на мостот за сообраќај“, рече Курти.
Тој оцени дека слободата на движење е возможна со владеење на правото, мир и безбедност.
Во повоениот период, овој мост беше симбол на конфликтот и барикадите што ги подигнаа косовските Срби за да се спротивстават на напорите на Косово да воспостави власт на север.
Видете и ова: Вучиќ: КФОР да не дозволи еднострано отворање на мостот ИбарПо средбата со Курти во вторникот вечерта, воената мисија на НАТО на Косово најави дека сите актери мора да се воздржат од еднострани изјави и дејствија кои би можеле да ги подигнат тензиите. Повторија дека нивното присуство на мостот е постојано, а вршат редовни патроли за да обезбедат безбедна средина согласно нивниот мандат.
„Командантот на КФОР има овластување да го прилагоди присуството на војници по потреба и нема да се двоуми да одговори на какви било безбедносни случувања во согласност со нашиот мандат на ОН“, соопшти мисијата.
На мостот на реката Ибар има италијански војници како дел од мисијата на КФОР, а во близина се и припадници на косовската полиција.
Амбасадорот на Соединетите Држави во Косово, Џефри Ховениер, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека постои реален ризик поврзан со отворањето на мостот во Митровица што може да влијае на безбедноста на војниците на НАТО во Косово.
Видете и ова: Ховениер: Отворањето на мостот во Митровица во овој момент може да ги загрози американските војнициИнаку, косовската полиција е прва инстанца за безбедносен одговор, ЕУЛЕКС (мисијата на ЕУ за владеење на правото) е втора, а КФОР (воената мисија на НАТО) е трета.
Но, припадниците на српската заедница од северот и политичките претставници на Србите се против отворањето на мостот, а по тој повод на почетокот на неделата се одржа и протест.
Мостот засега е отворен само за пешаци, иако е договорено да се отвори за сообраќај како дел од дијалогот Косово-Србија.
САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија на 2 август објавија дека не поддржуваат отворање на мостот за сообраќај во овој момент.
ЕУ наведува дека прашањето за отворање на мостот е дел од дијалогот и дека одлуката за отворање мора да се донесе во рамките на тој преговарачки процес за нормализација на односите меѓу Косово и Србија.