Властите во западниот руски регион Белгород прогласија регионална вонредна состојба додека украинските сили ја продолжуваат својата офанзива во соседната област Курск.
„Ситуацијата во нашиот регион Белгород останува исклучително тешка и напната.Вооружените сили на Украина гранатираат секој ден. Куќи беа уништени, а цивили беа ранети и убиени“, напиша гувернерот Вјачеслав Гладков на Телеграм во средата.
Белгород претходно најави евакуација на илјадници цивили од областите што граничат со Украина и регионот Курск. Москва прогласи „антитерористичка операција“ во регионите Курск, Белгород и Брјанск.
Руското Министерство за одбрана во среда (14 август) објави дека 37 украински беспилотни летала се „уништени“ над регионот Воронеж, неколку стотици километри југозападно од Москва. Гувернерот на регионот Воронеж, Александар Гушев, изјави дека нема пријавени жртви, но дека се оштетени неколку станбени згради.
Министерството соопшти дека 117 беспилотни летала и „четири тактички проектили“ биле лансирани во Русија во текот на ноќта, вклучително и 37 беспилотни летала кои наводно биле „уништени“ над регионот Курск.
Не можат да се потврдат тврдењата на бојното поле.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Првата руска фудбалска лига соопшти дека натпреварот закажан за 18 август во Воронеж ќе се игра во Москва.
Украинските сили извршија ненадеен упад во руската област Курск на 6 август и тврдат дека зазеле околу 1000 квадратни километри руска територија.
Главниот воен командант на Украина, генерал-полковник Олександар Сирски, во вторникот изјави дека неговите сили презеле контрола врз 74 населени места во Курската област и дека напредуваат бавно и покрај интензивните борби.
Волстрит журнал во вторникот, цитирајќи неименувани американски официјални лица, објави дека Русија преселила дел од своите сили од Украина за да ја брани областа Курск, што според аналитичарите е клучна цел на Киев. Официјални лица рекоа дека не е јасно колку војници биле префрлени или какво влијание може да има потегот врз борбите во Украина.
Рускиот медиум „Вјорстка“ во вторникот на „Телеграм“ објави дека руските регрути кои биле евакуирани од борбите во регионот Курск се под зголемен притисок од воените претставници да потпишат доброволни договори и да се вратат на фронтот.