Владата обезбеди 52 милиони денари од државните резерви за 2024 година за зголемување на буџетот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) за подмирување на трошоците за гаснење на пожарите. ПОради пожарите, продолжена е и кризната состојба на целата територија на државата, соопштија од Владата по денешната седница.
Од овие 52 милиони денари, 41 милион денари се за ДЗС, а 10,5 милиони денари се за покривање на трошоците за сместување, храна и транспорт за персоналот при престојот во државава на странската помош за справување со пожарите.
Премиерот Христијан Мицкоски информираше дека на седницата е донесена одлука да се спојат Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи(ЦУК) со цел поефикасно функционирање на системот за справување со кризи.
Мицкоски рече дека е неопходна реформа во системот за менаџирање со кризи.
„Прв чекор што направивме е донесовме одлука да ДЗС и ЦУК да отпочнат процес на фузионирање, оптимирање прво на кадарот, а второ да имаме една институција која во услови на кризен менаџмент ќе знае како да делува по определени протоколи“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека реформите ќе бидат направени откако ќе се изборат со огнената стихија.
Во Северна Македонија денеска до 16 часот имаше 21 пожар на отворен простор, 5 се изгаснати, 8 се ставени под контрола, а 10 се активни, според податоците од Центарот за управување со кризи.
Меѓу активните е и поголем пожар на територијата на Националниот парк Маврово, близу Врбен на кој се интервенира и од земја и од воздух.
Глем пожар, каде борбата со огнената стихија трае повеќе од дваесет дена има и на територијата на општина Македонски Брод. Овој пожар има два крака, од кои едниот е ставен под контрола, информираа од ЦУК.