Како Влада мора да работиме да го заштитиме стандардот на граѓаните и да ги подобриме услугите кои ги добиваат. Токму тоа е причината што се обидуваме да внесеме трет мобилен оператор на пазарот. Сега е само на ниво на интерес и информација и немаме никаков конкретен чекор, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
„Тоа е актуелно деновиве во јавноста и знаеме дека таа битка ќе биде многу жестока бидејќи
дуополот што во моментот е на пазарот кај нас грчевито ќе се обиде да ја задржи оваа ситуација на дуопол и тоа ни е јасно. Но наш интерес е стандардот на граѓаните и свесни сме дека услугите кои што ги плаќаат граѓаните како резултат на овој дуопол кој што функционира можеби се едни од највисоките во регионот па и во Европа“, рече Мицкоски.
Тој рече дека која било компанија што ќе има интерес да стане трет мобилен оператор и дел од пазарот, потребно е да ги исполнува условите и критериумите во согласност со определбите од државата.
Видете и ова: Унгарски телекомуникациски оператор заинтересиран за влез на пазаротУнгарскиот телекомуникациски оператор „4iG Групација“ испратил писмо со намери до владата на Северна Македонија, што беше потврдено и во владино соопштение.
„4iG Групацијата” изрази интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во Македонија и нудење на услуги во мобилната и фиксна телефонија. Иницијативата е усогласена со стратегијата на “4iG Групацијата” за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан“, пишуваше во соопштението од владата.
Претходно беше објавено дека за време на официјалната посета на Будимпешта, Унгарија, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, оствари средба со Гелерт Жасзаи, претседател на “4iG Групацијата”.