Пет ирански активистки кои се борат за правата на жените се осудени на вкупно повеќе од 20 години затвор, потврдија извори на Радио Фарда за Радио Слободна Европа (РСЕ).
Нина Голестани, Анахита Хејази, Анахита Достдар, Росита Раџаи и Нагин Адалатхах беа уапсени во северниот ирански град Рашт во ноември 2023 година, заедно со други активисти.
Тие се осудени на три и пол години затвор за „собирање и договарање“ и седум месеци и 16 дена за „пропаганда против режимот“.
Рашт беше место на големи протести за време на демонстрациите по смртта на Махса Амини, во полициски притвор во септември 2022 година, откако таа беше уапсена за наводно неправилно носење шамија.
Видете и ова: Група ирански затворенички во страв по смртната казна за активисткаХиџабот, или шамијата на главата и вратот, стана задолжителен за жените и девојчињата постари од девет години во 1981 година, две години по Исламската револуција во Иран. Овој потег предизвика протести кои брзо беа задушени од новите власти.
Многу жени го прекршија правилото со текот на годините и ги поместија границите на она што официјалните лица велат дека е прифатлив начин на облекување.
Откако Махса Амини почина во септември 2022 година додека беше во полициски притвор поради наводно прекршување на строгиот кодекс на облекување, илјадници Иранци излегоа на улиците да бараат повеќе слободи и права за жените.
Неколку илјади луѓе беа уапсени, меѓу кои и многу демонстранти, како и новинари, адвокати, активисти, бранители на дигитални права и други.
Најмалку девет демонстранти беа егзекутирани во она што групите за права и неколку западни влади ги нарекоа „лажни“ судења.