Треба да се биде реален и да се каже дека донесувањето на Рамковниот договор во тоа време никоја од страните потписнички не ги направи до крај среќни и задоволни, но сепак го донесоа тоа што во тој момент беше најпотребно и најбарано, а тоа е мирот, рече премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената седница на Владата по повод 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор што се одбележува денеска, на 13 август.
„Охридскиот рамковен договор е дел од македонските закони и Устав, но она што не е завршено и на што мора да работиме се реалните проблеми на на нашите сограѓани. Тоа што сме различни по етничка можеби и по верска припадност, не не прави различни по потребите и приоритети, а главна потреба и приоритет на сите нас е подобриот живот. Имаме исти заеднички проблеми и затоа треба заеднички да нудиме решенија и да ги решаваме тие проблеми“, кажа Мицкоски.
Според него, за одредени политички партии Рамковниот договор е најдобар и се спроведува само под услов кога истите тие се на власт.
„Веднаш потоа откако ќе бидат опозиција смислуваат критики и креативни решенија на негово надополнување, но и различно читање на правата и обврските кои произлегуваат од него. Кон темата меѓуетнички односи се однесуваат неодговорно затоа што најмалку внимание посветуваа на ова, колку што беа предадени и фокусирани кон личните интереси, бизниси и тендери“, рече Мицкоски.
Видете и ова: Генералниот секретаријат на Владата ја презема организација за прославата за Рамковниот договор
Претходно, во Клубот на пратениците во Скопје, вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити се обрати на панел дискусија за годишнината од Рамковниот договор во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање.
„Од постконфликтно општество, чие функционирање е загарантирано со мировен договор, наша задача е Северна Македонија да ја направиме модерно општество во кое институциите ќе одразуваат целосна еднаквост на секое ниво. Не можеме вечно да се согласуваме, сега дојде време постигнатите договори да се вратат на основата за модернизација и европеизација на државата“, рече Меџити.
Меџити ќе биде домаќин вечер и на свечениот прием што по истиот повод ќе се одржи во Музејот на современа уметност во Скопје.
Одделна прослава организираше Европскиот фронт предводен од ДУИ. Тие 23 годишнинита од Охридскиот рамковен договор ја одбележаа со настан насловен „Академија за легитимитет“ на која ја претстави својата предлог политичка платформа, составена од мерки „кои ќе го зачуваат и рефлектираат мултиетничкиот карактер на државата за да се обезбеди правилна имплементација на договорот“.
Во основата на овие мерки е „Влада со етнички легитимитет“, која го зајакнува Охридскиот договор и уставниот поредок на државата.
Според лидетот на ДУИ, Али Ахмети, државата ќе оди напред со добри меѓуетнички односи пред се меѓу Македонците и Албанците.
„Македонците како народ, нација, може да напредуваат само во комуникација и усогласеност и во добри односи со Албанците. Инаку, ќе ги проголтаат Србите, Бугарите и Грците. Ова не ви го велам само на вас, туку и на сите други македонски политички претставници. Со соживот, со соработка можеме да ги зачуваме историјата, идентитетот, може да го зачуваат нивниот национален идентитет, инаку нивната судбина е воопшто да не постојат“, рече Ахмети.
Видете и ова: Дваесет и три години Охридски рамковен договорОхридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.
Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел - 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.
За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.