Претседателот на Србија Александар Вучиќ во разговор со кинески претставник во Белград укажа на продолжување на „традицијата на негување на челичното пријателство“ меѓу Србија и Кина.
Вучиќ, за време на средбата со државниот советник на Државниот совет на Кина, Шен Јиќинг, на 13 август изјави дека „пријателските односи на кинескиот претседател Си Џинпинг и дадоа на Србија силен импулс на патот на напредокот“.
„Одлична, суштинска и пријателска средба за најважните прашања од билатералните односи со Кина, како и за конкретни активности на полето на спортскиот развој, културната соработка и меѓусебната поддршка во организирањето меѓународни спортски настани“, напиша Вучиќ на својот профил на Инстаграм.
Кинескиот претседател Си Џинпинг беше во Белград на 8 мај кога ја опиша Србија како првата европска земја со која Кина гради заедничка иднина.
Тоа беше негова втора посета на Србија во последните осум години, при што беа испратени пораки за продлабочување на односите меѓу двете земји.
Видете и ова: Си и Вучиќ од Белград со порака за „заедничкото челично пријателство“Додека Си ја поддржуваше Србија во оспорувањето на независноста на Косово, Вучиќ возврати дека официјален Белград ја поддржува „политиката на една Кина“ - според која островот Тајван, кој се смета себеси за суверена држава, е дел од кинеската територија.
Освен што не ја признава независноста на Косово, Кина ја поддржува и Србија во нејзините напори да ја спречи таа земја да стане дел од меѓународните организации, како што се Обединетите Нации.
Досега Србија не се приклучи на ниту една меѓународна декларација против Кина, додека официјален Пекинг е цел на критики за состојбата со човековите права - со обвинувања дека владата ги репресира Ујгурите, муслиманско малцинство кое живее во провинцијата Ксинџијанг.
Србија и Кина имаат и Договор за слободна трговија, потпишан во октомври 2023 година.
Тој договор е под лупа на Брисел, бидејќи Србија е кандидат за членство во Европската Унија.