Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека повикот на Франција, Германија и Велика Британија за воздржаност во нападот на Израел „нема политичка логика“ и „се коси со принципите на меѓународното право“.
„Без никакви приговори за злосторствата на ционистичкиот режим (Израел), изјавата на Е3 дрско бара Иран да не реагира на кршењето на неговиот суверенитет и територијален интегритет“, рече портпаролот на министерството Насер Канани, пренесоа британските медиуми.
Тој ги повика Париз, Берлин и Лондон „еднаш засекогаш да застанат против војната во Газа и против Израел“.
Техеран и неговите сојузници Хамас и либанската шиитска група Хезболах го обвинија Израел за убиство на политичкиот лидер на Хамас, Исмаил Ханије, додека израелската влада не ја презеде одговорноста. ЕУ и САД ја прогласија Хамас за терористичка организација.
Претседателот на Соединетите Држави Џо Бајден и лидерите на Франција, Германија, Италија и Велика Британија вчера издадоа заедничка изјава во која го повикаа Иран да се „откаже“ од заканите за напад на Израел.
Видете и ова: Франција, Германија и Велика Британија бараат да нема одложување на преговорите за прекин на огнот во ГазаВо заедничката изјава објавена, лидерите на сите пет земји ја изразија својата поддршка за повикот на САД, Катар и Египет за продолжување на преговорите за прекин на огнот во Газа со цел да се постигне договор што е можно поскоро.
Израел започна напади врз Појасот Газа, со цел да го уништи Хамас откако борците на исламистичката група го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи 1200 луѓе и зедоа повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.
Оттогаш, речиси 40 000 Палестинци се убиени во израелската офанзива во Појасот Газа, според Министерството за здравство на Палестинската територија под контрола на Хамас.