Соединетите Држави соопштија дека се согласуваат со разузнавачките проценки дека Иран или неговите сојузници на Блискиот Исток би можеле „да го нападнат Израел уште оваа недела“ и го повикаа Техеран да „се откаже“ од своите постојани закани кон Израел, јавува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Портпаролот на американската национална безбедност Џон Кирби за новинарите изјави дека претседателот Џо Бајден разговарал со лидерите на клучните сојузници за да разговараат за ситуацијата и рече дека Вашингтон сериозно ги сфаќа извештаите дека Иран наскоро би можел да го нападне Израел како одмазда за убиството на Исмаил Ханије, политичкиот лидер на Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација.
Иран го обвинува Израел за убиството на Ханије и вети одмазда, предизвикувајќи стравувања од поширока војна на Блискиот Исток.
„Мораме да бидеме подготвени за она што може да биде значителен збир на напади, поради што, повторно, ги зголемивме капацитетите на нашите сили во регионот дури и во последните неколку дена“, рече Кирби.
„Имаме значајни сили во регионот. Во последните неколку дена сменивме нешто во таа позиција. Претседателот е уверен дека имаме на располагање капацитети да помогнеме во одбраната на Израел“, додаде Кирби.
Видете и ова: Пентагон најави дека Вашингтон ќе ги зајакне воените капацитети на Блискиот Исток за да го брани ИзраелПентагон ги засили своите сили на Блискиот Исток во услови на зголемени тензии, бидејќи Вашингтон ја повтори поддршката за својот долгогодишен сојузник Израел.
Во заедничката изјава заедно со Франција, Италија, Германија и Велика Британија, Белата куќа соопшти: „Ја изразивме нашата поддршка за одбраната на Израел од иранската агресија и нападите на терористичките групи поддржани од Иран“.
„Го повикавме Иран да се откаже од постојаните закани за воен напад врз Израел и разговаравме за сериозните последици за регионалната безбедност доколку се случи таков напад“, се додава во соопштението.
Германскиот канцелар Олаф Шолц и британскиот премиер Кир Стармер во одвоени телефонски разговори го повикале иранскиот претседател Масуд Пезешкијан да избегне ескалација на воените тензии во регионот, соопштија од нивните канцеларии.
Вашингтон нема дипломатски односи со Техеран.
Видете и ова: Франција, Германија и Велика Британија бараат да нема одложување на преговорите за прекин на огнот во ГазаПо разговорот со Шолц, како што јави официјалната иранска новинска агенција ИРНА, Пезешкијан рекол дека иако Иран „го поздравува проширувањето на интеракциите со сите земји и ја нагласува потребата да се решаваат проблемите преку преговори, тој нема да попушти под притисок, санкции, малтретирање и агресија“.
Во заедничкото соопштение на западните земји се наведува и дека изразиле „целосна поддршка за тековните напори за деескалација на тензиите и постигнување договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа“.
Видете и ова: Можната војна меѓу Иран и Израел го носи Блискиот Исток до „најопасниот момент“Исто така изразена е поддршка за заедничкиот повик на Бајден, египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и катарскиот шеик Амир Тамим бин Хамад ал-Тани за „повторно преговарање подоцна оваа недела со цел да се склучи договорот што е можно поскоро“.
„Сите страни мора да ги исполнат своите обврски. Покрај тоа, потребна е непречена испорака и дистрибуција на помош во Појасот Газа“, се вели во соопштението.
Во воздушната и копнената офанзива на Израел во Појасот Газа загинаа повеќе од 38 900 луѓе, според здравствените власти на Хамас.
Израел ја започна операцијата откако екстремистите на Хамас го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.