Дваесет и три години Охридски рамковен договор

Потпишување на Охридскиот рамковен договор, Охрид, 13 август 2001 година

Со одделни настани на власта и на албанската опозиција денеска (13 август) во Скопје ќе бидат одбележани 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор со кој беше ставен крај на неколкумесечниот конфликт во земјава во 2001 година.

Владата ќе ја одбележи годишнината од Рамковниот договор со свечена седница во 13 часот на која, како што е најавено, ќе се обратат премиерот Христијан Мицкоски и првиот заменик премиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити. Настанот ќе се пренесува во живо на фејсбук и на јутуб-каналот на Владата.

Претходно, во 10 часот во Клубот на пратениците во Скопје, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање ќе биде одржана Панел дискусија на тема „23 години од Рамковниот договор, децентрализацијата останува предизвик", на која покрај вицепремиерот Меџити како паналисти се најавени и министерот за локална самоуправа Златко Перински и професорите Ризван Сулејмани, Нано Ружин, Африм Османи и Бујамин Бела.

Меџити вечер ќе организира и свечен прием во Музејот на современа уметност во Скопје.

Одделна прослава, пак, ќе организира Европскиот фронт, предводен од ДУИ. Тие 23- годишнинита од Охридскиот рамковен договор, ќе ја одбележат со настан насловен „Академија за легитимитет“ што ќе се одржи напладне во хотелот Александар Палас во Скопје.

Видете и ова: Генералниот секретаријат на Владата ја презема организација за прославата за Рамковниот договор

Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година во претседателската резиденција на Водно во Скопје од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Во разговорите што започнаа во јули во Скопје, а потоа продолжија во Охрид, беа консултирани повеќе советници и експерти.

Повеќе од 130 закони, законски измени и дополнувања се донесени во изминатите години од имплeментацијата на Охридскиот рамковен договор, од кои најголем дел - 59 се закони за недискриминација и правична застапеност, 40 се во сферата на идентитет, култура, образование и децентрализација на власта.

За успешна имплементација на договорот, беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој во 2019 година се трансформираше во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.