Германскиот канцелар Олаф Шолц во разговор со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан рекол дека е многу загрижен поради опасноста од „регионален пожар на Блискиот Исток“.
Во соопштението за медиумите на германскиот канцелар се наведува дека Шолц имал телефонски разговор со иранскиот претседател.
Според соопштението, Шолц „апелирал до претседателот да направи се за да спречи понатамошна воена ескалација“ и рекол дека „сега мора да се прекине спиралата на насилство на Блискиот Исток“.
Германскиот канцелар е еден од многуте меѓународни лидери кои сакаат да го спречат зголемувањето на тензиите меѓу Иран и Израел.
Загриженоста за поширок конфликт на Блискиот Исток се зголеми откако во Иран беше убиен лидерот на палестинската организација Хамас, која САД и Европската унија ја сметаат за терористичка. Израел е осомничен за нападот.
Видете и ова: САД испратија ракетна подморница на Блискиот ИстокИран и неговите сојузнички сили во регионот објавија дека планираат одмазднички напади врз Израел по атентатот на лидерот на Хамас и еден од лидерите на Хезболах во Либан.
Лидерите на Германија, Франција и Велика Британија претходно на 12 август го повикаа Иран и неговите сојузници „да се воздржат од напади кои дополнително ќе ги ескалираат регионалните тензии“.
„Ниту една земја или нација нема да има корист од понатамошната ескалација на Блискиот Исток“, се вели во заедничката изјава на Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.
Лидерите на Франција, Германија и Велика Британија исто така порачаа дека „не може да има дополнително одложување“ на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа.
Заедничката изјава дојде по еден од најсмртоносните израелски напади во опколениот Појас Газа во повеќе од 10 месеци војна.
Видете и ова: Франција, Германија и Велика Британија бараат да нема одложување на преговорите за прекин на огнот во ГазаИзраел соопшти дека нападот во петокот врз училиштето во кое биле сместени раселените Палестинци, бил цел на палестинската група Хамас. Властите под контрола на Хамас соопштија дека во нападот загинале најмалку 93 лица.
„Борбите сега мора да завршат и сите заложници кои се уште ги држи Хамас мора да бидат ослободени“, се вели во заедничката изјава на лидерите.
Израел започна напади врз Појасот Газа, со цел да го уништи Хамас откако борците на исламистичката група упаднаа во јужен Израел на 7 октомври, убивајќи 1.200 луѓе и земајќи повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.
Оттогаш, речиси 40.000 Палестинци се убиени во израелската офанзива во Појасот Газа, според Министерството за здравство на Палестинската територија под контрола на Хамас.