Попладнево започна расправата во Собранието за ребалансот на буџетот за 2024 година, кој според власта треба да обезбеди ликвидност, исплата на зголемени пензии, права на вработените и доспеани обврски кон стопанството.
Опозициската СДСМ и колаицијата рече дека нема да го поддржи ребаланост, а пратениците на Европскиот фронт ја напуштија 12-тата седница на Собранието.
Како што рече министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, ребалансот на Буџетот за 2024 година претставува обид на новата Влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годината со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите и реализација на проектите кои што имаат соодветна динамика.
„Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот Буџет како што се недоволно испланирани средства за права коишто се законски предвидени, средства за сервисирање на доспеани обврски и средства за поддршка на економијата. Тоа значи да обезбедиме редовна исплата на плати, кои ќе бидат усогласени согласно Закон во септември, да обезбедиме редовна исплата на пензиите и да го реализираме нашето изборно ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, да ги исплатиме доспеаните обврски и да не ги одложуваме, затоа што тоа го бара економијата, во која покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции ќе се вбризгаат дополнителни шест милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво, рече Димитриеска Кочоска во експозето пред пратениците.
Видете и ова: Почнува тридневната пленарна расправа за ребалансот на буџетотСДСМ и коалицијата нема да го поддржат ребалансот, рече пратеникот Димитар Ковачевски во општата собраниска расправа.
Ковачевски рече дека со ребалансот не се обезбедени средства за континуиран раст на платите и за зголемување на минималната плата, и дека не биле предвидени средства за исплата на договорните обврски за поддршка на инвестициите на домашните компании.
Тој исто така рече дека биле намалени средствата за земјоделски субвенции, и дека намалени за 10 милиони денари биле средствата за здруженијата на инвалидни лица и за организациите кои се борат против семејно насилство и други поврзани области.
Ковачевски рече дека според ребалансот, 4,9 проценти е дефицитот од планираниот БДП што е зголемување од една третина во однос на оригинално планираниот дефицит.
„СДСМ нема да ја одолговлекува расправата за ребалансот. Во текот на комисиската расправа, СДСМ и коалицијата поднесоа 58 амандмани од кои не беше прифатен нту еден. Во делот на плати не се обезбедени срдетсва за континуиран раст на платите и за пораст на минималната плата, не се определени средства за раст на платите во образованието иако постојат поголеми приходи во Буџетот, не се предвидени средства за покривање на обврските од социјална заштита, ниту за покачување на правата за детска заштита“, рече Ковачевски.
Видете и ова: Владата го дополни буџетот за да обезбеди пари за државни институции
Пратениците на Европскиот фронт ја напуштија расправата за ребалансот на Буџетот.
Тие се незадволни од симнувањето на Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во прво читање од дневниот ред.
Како што истакна Блерим Беџети од Европскиот фронт додека не одлучи матичната комисија околу законот тие ќе ја напуштат седницата во знак на протест.
Претходно Беџети од Европскиот фронт во процедурално обраќање истакна дека не може закон предложен од пратеник да биде повлечен од друг пратеник. Опозицијата ќе предложи закон и утре, а мнозинството ќе го повлече и каде ќе дојдеме, рече Беџети.
Потоа, пратеникот Талат Џафери праша по кој деловник работи Собранието и додаде дека нема такво нешто во Деловникот што го усвои претходниот собраниски состав пред крајот на мандатот. Обвини за флагрантно кршење на постапката и за мајоризација на работата на Собранието.