Меѓународниот кривичен суд „активно ја следи“ ситуацијата во Венецуела

Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд (МКС) на 12 август објави дека „активно ги следи“ тензиите во Венецуела поради резултатите од претседателските избори.

Карим Кан, исто така, рече дека неговата канцеларија добила „повеќе извештаи за случаи на насилство и други наводи“ по претседателските избори на 28 јули, објави новинската агенција АФП.

Долгогодишниот претседател Николас Мадуро беше прогласен за победник, но опозициските лидери велат дека нивниот кандидат Едмундо Гонзалес всушност победил.

Во деновите по гласањето, избија протести низ земјата и во странство, барајќи Мадуро да се повлече и да ја почитува победата на опозицискиот кандидат.

Најмалку 24 лица загинаа во протестите во Венецуела, додека, според организациите за човекови права, уапсени се 2.200 лица.

Видете и ова: Мадуро ја блокираше социјалната мрежа Х

Канцеларијата на Кан објави во соопштението дека „независно ги оценува сите овие извештаи и други информации достапни во рамките на нејзиниот мандат и јурисдикција“.

Судот со седиште во Хаг соопшти дека сè уште ги истражува претходните настани во Венецуела.

Имено, обвинителот отвори истрага за потенцијални злосторства против човештвото извршени од владините сили за време на протестите на опозицијата во 2017 година, кога беа убиени повеќе од 100 луѓе.

Канцеларијата на Кан соопшти дека работи со венецуелската влада „на највисоко ниво за да се нагласи важноста од обезбедување на почитување на владеењето на правото во овој момент и да се нагласи дека сите лица мора да бидат заштитени од прекршување“ на правата што може да бидат истражени од страна на МКС.