Министерот за здравство Арбен Таравари соопшти дека се работи на проширување на програмата „Мој термин“ или евентуално нова дигитализација.
„Ќе видиме која ќе биде дефинитивната одлука. На Македонија дефинитивно и требаат сите здравствени установи да бидат во еден ист систем. Значи, приватни и јавни здравствени установи, меѓутоа фармации и сите други институции што се поврзани со здравството. Тука мислам и на ФЗОМ, така што ќе видиме, ќе разгледаме најдобри можни опции“, изјави министерот, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на реновираните простории на Универзитетскиот институт за радиологија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Електронскиот систем за закажување прегледи “Мој термин“ беше воведен во 2014 година за да го олесни пристапот на пациентите до здравствените услуги и да се води евиденција за нивната здравствена состојба.
Таравари додаде дека веќе се разговарало и за користење телемедицина - консултации од дистанца. За одредени прашања, појасни министерот, пациентот не мора да доаѓа на клиника, туку може да има одреден период кога докторот дава консултации од дистанца. Доколку има потреба, потоа докторот би го повикал пациентот и да го прегледа физички.
Министерот информираше дека најверојатно денеска ќе биде распишан нов тендер за компресорска станица на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Во врска со процесот на проширување на позитивната листа со нови лекови, Таравари уверува дека тој не е заглавен и дека се чека да се формира УО на ФЗОМ.
„На првиот состанок на УО ќе бидат поминати деветте лека што се веќе испратени од Министерството за здравство, а штом се помине таму, јас ќе ги потпишам истиот ден и ќе го промовираме и ќе го кажеме тоа“, подвлече Таравари.
Ставањето на нови лекови на позитивната листа во пракса значи дека пациентите ќе добиваат посовремени и поевтини лекови на рецепт, на товар на државата, наместо да ги купуваат од џеб и поскапо - често и од други држави. Затоа што листата не е ажурирана повеќе од една деценија, граѓаните добиваат застарени лекови иако постојат нови и поефикасни за нивната болест.