Лидерите на Франција, Германија и Велика Британија изјавија дека „не може да има дополнително одложување“ на преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа, истовремено предупредувајќи го Иран и неговите сојузници да не предизвикуваат „натамошна ескалација“ на конфликтот.
Заедничката изјава на претседателот Емануел Макрон, канцеларот Олаф Шолц и премиерот Кир Стармер следува по еден од најсмртоносните израелски напади во опколениот Појас Газа во повеќе од 10 месеци војна.
Израел соопшти дека нападот во петокот (9 август) врз училиштето во кое се сместени раселените Палестинци била насочена кон палестинската група Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација. Властите под контрола на Хамас соопштија дека во нападот загинале најмалку 93 лица.
„Борбите сега мора да завршат, а сите заложници кои сè уште ги држи Хамас мора да бидат ослободени. На луѓето во Газа им е потребна итна и непречена испорака и дистрибуција на помошта“, соопштија Макрон, Шолц и Стармер во заедничката изјава.
Видете и ова: Во израелски воздушен напад врз училиште во Газа загинаа над 60 луѓеНаведувајќи дека „не може да има дополнително одложување“, тие ја поздравија и „неуморната“ работа на египетските, катарските и американските посредници за договорот за прекин на огнот и ослободувањето на заложниците.
Неколку рунди преговори за прекин на огнот во Појасот Газа досега беа неуспешни, освен еднонеделното примирје кон крајот на ноември.
Во неделата Хамас ги повика американските, катарските и египетските посредници да го спроведат планот за прекин на огнот во Појасот Газа што го претстави американскиот претседател Џо Бајден, наместо да водат „натамошни преговори“.
Видете и ова: Израел повикува на евакуација во северот на Појасот ГазаТројцата европски лидери, исто така, ги повикаа Иран и неговите сојузници „да се воздржат од напади кои дополнително ќе ги ескалираат регионалните тензии и ќе ја загрозат можноста за договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците“.
„Тие ќе сносат одговорност за дејствијата што ја загрозуваат оваа можност за мир и стабилност. Ниту една земја или нација нема да имаат корист од понатамошната ескалација на Блискиот Исток“, рекоа Макрон, Шолц и Стармер.
Израел започна напади врз Појасот Газа, со цел да го уништи Хамас откако борците на исламистичката група го нападнаа јужниот дел на Израел на 7 октомври, убивајќи 1200 луѓе и зедоа повеќе од 250 заложници, според израелските податоци.
Оттогаш, речиси 40 000 Палестинци се убиени во израелската офанзива во Појасот Газа, според Министерството за здравство на Палестинската територија под контрола на Хамас.