Пожарот во нуклеарната централа Запорожје, окупирана од Русија, во јужна Украина е „целосно изгаснат“, изјави во понеделник (12 август) официјален претставник назначен од Москва.
Не е јасно што го предизвикало пожарот кој во неделата околу 20 часот избувнал во разладната кула на електраната, наведува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини Русија за подметнување на пожарот, додека руски официјални лица, вклучително и портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, го обвинија Киев дека намерно се обидува да ја уништи централата и да сее „нуклеарен терор“.
Видете и ова: Пожар во кула на нуклеарната централа во Запорожје, нуклеарната безбедност не е загрозенаМеѓународната агенција за атомска енергија, која има персонал во централата, рече дека нема регистрирани влијанија врз нуклеарната безбедност на локацијата.
„Експертите на МААЕ беа сведоци на силен темен чад што беше видлив на северната страна на централата по повеќекратните експлозии што се слушнаа вечерта“, беше наведено во кратката објава на Меѓународната агенција објавен на социјалната мрежа X.
Нуклеарната централа беше преземена од руските сили набргу по инвазијата во февруари 2022 година.