Во Собранието денеска (12 август) започнува тридневната расправа за ребалансот на Буџетот за 2024 година. Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот за 2024 година, во второ читање, е седма точка од дневниот ред на 12. собраниска седница.
Согласно Деловникот на Собранието, претресот по предлогот за изменување и дополнување на Буџетот, односно по дополнетиот предлог за изменување и дополнување на Буџетот на седница на Собрание трае најмногу три дена. Пратеникот во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на Владата може да говори повеќе пати, но не повеќе од 30 минути вкупно.
Ребалансот ги помина општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата за финансирање и Буџет во која беа усвоени два амандмани, по што Владата на 6 август, го донесе и дополнетиот ребаланс на Буџетот со кој, како што соопшти, се обезбедуваат плус средства - за плати и за набавка на опрема за повеќе институции.
Видете и ова: Владата го дополни буџетот за да обезбеди пари за државни институцииМинистерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска викендов во интервју за Националната телевизија изјави дека со ребалансот на Буџетот се обезбедени пари за сите обврски коишто се согласно закон и тие ќе се сервисираат.
Со ребалансот државата годинава планира да потроши 5,89 милијарди евра, или 300 милиони евра повеќе од постојниот буџет. Дефицитот се зголемува на 720 милиони евра од постојните 585 милиони.
Зголемени се и приходите за дополнителни 130 милиони евра и сето ова при надолна ревизија на економскиот раст за годинава, од 3,4 на 2,1 отсто од бруто домашниот производ. Се обезбедуваат пари за повисоки пензии, за исплата на плати, тековни трошоци и инвестиции.
Според Владините проценки, инфлацијата годинава треба да достигне 3,5%. Ребалансот на буџетот се очекува да биде усвоен во првата недела од август.