Зеленски: Западот да ги укине ограничувањата за оружје додека трае офанзивата во рускиот Курск

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди последниот смртоносен напад на Москва врз цивилните области на Киев и ги повика неговите западни сојузници да ги укинат ограничувањата за употреба на оружје длабоко во Русија, иако за прв пат индиректно ја призна прекуграничната офанзива на неговите сили во рускиот регион Курск.

„Русите немаат географски ограничувања за употреба на вакво оружје - уште од првите денови на целосната војна, целата територија на нашата држава е под постојана закана од напад“, напиша Зеленски на социјалната платформа X порано позната како Твитер на 11 август.

Тој посочи дека Украинците се длабоко благодарни на сите западни партнери кои им обезбедуваат системи за противвоздушна одбрана и борбени авиони.

„Сепак, за вистински да го запреме рускиот терор, ни требаат...силни одлуки од нашите партнери и одлуки кои ќе ги укинат ограничувањата на нашите одбранбени дејства. Кога можностите на Украина со долг дострел немаат ограничувања, оваа војна дефинитивно ќе има граница, ние навистина ќе го приближиме нејзиниот праведен крај“, напиша тој.

Видете и ова: Зеленски: Украинската армија спроведува офанзива во рускиот регион Курск


Доцна на 10 август, Зеленски за прв пат призна дека неговата армија спроведува офанзива во западниот руски регион Курск.

Украина продолжи со шестдневното напредување во областа Курск, преземајќи ја контролата врз неколку помали населби, но остана нејасно дали силите на Киев ќе се обидат да го заземат градот Курск, регионалниот главен град со 415.000 луѓе.

Исто така, останува нејасно колку украински војници се вклучени во акцијата, а проценките се движат од 1.100 до „неколку илјади“.

Руските власти го признаа пробивањето на границата и наредија евакуација на десетици илјади цивили во областа, но ги нарекоа трупите на Киев во регионот како „украински диверзантски и извидувачки групи“.

Ненадејниот прекуграничен упад на Украина во Курск на 6 август е опишан како најголем напад на руска територија откако Москва ја започна својата неиспровоцирана, целосна инвазија на Украина во февруари 2022 година.