Владини мерки во сила за наредните три дена поради топлотниот бран

Бремени жени и возрасни луѓе над 60 години да бидат ослободени од работни обврски на 12, 13 и 14 август поради топлотниот бран кој ја очекува земјава, се дел од превентивните мерки кои ги најави Владата. На денешната владина седница е разгледана информацијата за високите температури поради која е прогласена фаза 2 - портокалово ниво на топлотни бранови.

Во превентивните мерки е предвидено работодавачите да ги реорганизираат работните активности на градежните работници и на работниците кои работат на отворено, со тоа што ќе се избегне вршење градежни и други работни активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

Видете и ова: Светска банка: Западен Балкан да вложи 37 милијарди долари за ублажување на климатските промени


„Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот“, се вели во владиното соопштение.

Во него е истакнато дека општините, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран се задолжени да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и бездомници.