Вучиќ: КФОР да не дозволи еднострано отворање на мостот Ибар

Српскиот претседател Алексадар Вучиќ

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 11 август ја повика мисијата на НАТО на Косово (КФОР) да не дозволи еднострано отворање за сообраќај на мостот Ибар, што, како што вели, го очекува на 14 или 15 август. Тој додаде дека заедно со отворањето на мостот очекува и поставување на нови српски лидери, без да истакне детали.

„Имаме почит кон КФОР и веруваме дека КФОР ќе си ја заврши работата“, изјави Вучиќ.

Владата на косовскиот премиер Албин Курти во средината на јули објави дека има намера да го отвори за сообраќај главниот мост над Ибар, кој ја дели јужна Митровица со мнозинско албанско население и северна Митровица со мнозинско српско население.

Видете и ова: Ховениер: КВИНТ и НАТО во овој момент не го поддржуваат отворањето на мостот во Митровица


Земјите од КВИНТ- САД, Велика Британија, Германија, Франција и Италија, на 2 август рекоа дека во овој момент не поддржуваат отворање за сообраќај.

Европската унија оценува и дека најавата на приштинските власти за пуштање во сообраќај на мостот на реката Ибар во Митровица претставува еднострана акција.

Во неделата, претседателот на Србија, исто така, тврдеше дека странските агенции се обидуваат да „наметнат некои нови српски лидери“ на Косово.

„Кои ќе се обидат да го одвојат од Белград и да кажат дека веќе не ги интересира Белград, за да се договорат со Курти како и на кој начин да му бидат слуги, а всушност работат за странски интереси“, изјави Вучиќ.

Сепак, тој не кажа за кои странски агенции станува збор.

Најголемата српска партија на Косово е „Српска листа“ , која ја ужива поддршката на официјален Белград.

Косовските власти почнаа да вршат инспекции за отворање на мостот Ибар во Северна Митровица изминатава недела и договорија компанија да ја процени носивоста на мостот, пред да го отворат за сообраќај на возила.

Косово и Србија се договорија да го отворат мостот, прво во 2015 година, подоцна во 2016 година, во рамките на дијалогот со посредство на Европската унија.

Неговото отворање неколкупати се одложуваше, а меѓународниот фактор бара ова прашање повторно да биде тема на дијалог.