Иранската добитничка на Нобелова награда меѓу повредените затворенички во Техеран

Иранска добитничка на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади

Притворената иранска добитничка на Нобеловата награда за мир Наргес Мохамади и другите затворенички во затворот Евин во Техеран беа повредени при судирите кои избувнале во затворот неделава поради серија на егзекуции.
Оваа информација со јавноста ја сподели семејството на Мохамади.

Нејзиниот сопруг Таги Рахмани изјави дека таа имала проблем со дишењето и силна болка во градите откако била удрена во градите и префрлена подоцна во затворската клиника.

Рахмани, кој во телефонска изјава за Радио Слободна Европа посочи дека неколку жени биле нападнати од стражарите за време на судирите на 6 август. Мохамади била погодена во градите, а нејзината рака била модра.

Видете и ова: Група ирански затворенички во страв по смртната казна за активистка


Повредените жени подоцна биле пренесени на лекување во затворската клиника и биле вратени во нивното одделение.

Рахмани рече дека новинската агенција на Корпусот на Исламската револуционерна гарда тврди дека судирот бил бунт, но тој рече дека треба да биде јасно дека станува збор за протест на кој жените во затворот Евин скандирале во дворот на затворот против смртната казна.

Тој додаде дека тој и остатокот од семејството на Мохамади се загрижени за нејзиното здравје, особено поради тоа што била погодена во градите. Мохамади имаше операција на срце во 2022 година, дообјасни тој.

Рахмани додаде дека Мохамади, која е позната како верен застапник на движењето „Жени, живот, слобода“, не може да стапи во контакт со нејзината сестра во Иран и дека не и е дозволено да контактира со нејзините деца веќе 2 и пол години. Таа, исто така, немала контакт со нејзиниот адвокат.

„Овие ограничувања не прават сите нас загрижени за нејзината ситуација во тоа одделение каде што другите жени исто така се соочуваат со тешки услови“, рече Рахмани за РСЕ.

Пред Рахмани да разговара со РСЕ, семејството на Мохамади издаде соопштение за судирот на 8 август. Во него се вели дека неколку жени кои стоеле пред безбедносните сили биле жестоко претепани.

Се наведува дека жените во затворот Евин активно протестирале против егзекуциите во Иран, а по егзекуцијата на Реза Расаи, неколку затвореници се собрале во дворот на затворот за да го изразат своето несогласување, извикувајќи слогани против смртната казна.