Во израелски воздушен напад врз училиште во Газа загинаа над 60 луѓе

Израелски напад врз училиште претворено во засолниште во Газа

Израелски воздушен напад погоди училиште, претворено во засолниште во градот Газа рано наутро на 10 август, при што загинаа повеќе од 60 луѓе, соопштија палестинските здравствени власти, во еден од најсмртоносните напади во 10-месечната војна меѓу Израел и палестинското движење Хамас, кое ЕУ и САД го прогласија за терористичка организација.

Израелската војска го призна нападот, тврдејќи дека погодил команден центар на Хамас во училиштето. Хамас, пак, негираше дека го користел училиштето како команден центар.

Во нападот врз училиштето Табин во центарот на градот Газа се ранети и 47 лица, соопшти службата за брза помош и итни случаи на Министерството за здравство. Објектот, како и речиси сите училишта во Газа, се користи како засолниште за луѓето кои биле принудени да ги напуштат своите домови поради војната.

Видете и ова: Израел се согласи да ги продолжи преговорите за прекин на огнот во Газа


Нападот се случи без предупредување во раните утрински часови пред изгрејсонце додека луѓето се молеа во џамија во училиштето, според Абу Анас, сведок кој работел на спасување луѓе, јавува новинската агенција Асоштиетет прес.

Според Обединетите нации, 477 од 564 училишта во Газа биле директно погодени или оштетени во војната заклучно со 6 јули. Во јуни, при израелски напад врз училиште за засолниште раселени Палестинци во центарот на Газа загинаа најмалку 33 лица, вклучително и 12 жени и деца, според локалните здравствени власти.