Русија воведе антитерористички мерки во три региони по украинскиот упад

Магацин за муниција на аеродромот по напад на украинските вооружени сили во рускиот регион Липецк, 9 август 2024 година

Русија воведе антитерористички мерки во Курск, местото на упадот на украинската војска, и во други два блиски региони, Брјанск и Белгород.

Соопштението беше објавено рано на 10 август од Националниот антитерористички комитет. Во соопштението се вели дека одлуката ја донел Александар Бортников, шеф на разузнавачката служба (ФСБ), како одговор на „невидениот обид на Украина да ја дестабилизира ситуацијата во низа региони“.

На 9 август, Русија прогласи вонредна состојба на „федерално ниво“ во регионот Курск, неколку часа по украинскиот воен напад на тамошниот аеродром.

Како одговор на упадот, руското Министерство за одбрана на 9 август соопшти дека префрла дополнителни сили во регионот, вклучително и ракетни системи за повеќекратно лансирање Град, артилерија и тенкови, пренесе новинската агенција Интерфакс.

Видете и ова: Русија прогласи вонредна состојба на „федерално ниво“ во Курск поради украинскиот упад


Државните медиуми објавија дека војниците и оклопот биле прераспоредени во Курск, вклучително и видео од руската војска во движење, а голем дел од нив е повторно објавено на социјалните мрежи.

Прекуграничната акција во руската област Курск е опишана како најголем напад на руска територија откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна неиспровоцираната, целосна инвазија на неговата земја врз Украина во февруари 2022 година.

Останува многу нејасно, вклучително и бројот на украинските војници кои учествуваат, иако руската војска тврди дека вклучува околу 1.000 војници и повеќе од дваесет оклопни возила и тенкови.