Франција денеска го повика Косово да се воздржи од било каква „еднострана акција“, која може дополнително да ги ескалира тензиите на северот на земјата.
Реакцијата на Франција дојде откако косовските власти неделава презедоа неколку акции на северот на земјата, мнозински населен од Срби, на што се спротивставија Србија и Србите од Косово, како и меѓународната заедница.
„Франција најостро го осудува ненадејното зголемување на едностраните акции на косовските власти на северот на земјата, кои влијаат на секојдневниот живот на српската заедница“, се вели во соопштението на француското Министерство за надворешни работи.
Косовските власти во четвртокот извршија урбанистичко-плански инспекции на мостот на реката Ибар во пробна фаза пред повторното отворање, додека на почетокот на неделата затворија девет објекти на Поштата на Србија на северот на Косово.
Видете и ова: Косово ги отуѓува малцинските Срби, го затегнува статусот на „сигурен партнер“Владата на Косово најави дека има намера повторно да го отвори мостот на реката Ибар, која ја дели јужна Митровица со мнозинско албанско население и северна Митровица со мнозинско српско население.
Земјите од Квинта, кои ја вклучуваат Франција заедно со Соединетите Држави, Велика Британија, Германија и Италија, на 2 август рекоа дека во овој момент не поддржуваат отворање на мостот.
Според Франција, постапките на косовските власти ги загрозуваат напорите за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, „што е предуслов за реализација на европската перспектива за двете земји“.
Во меѓувреме, мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР, повторно предупреди дека е подготвена да ги преземе „сите неопходни мерки“ против случувањата што можат да ја загрозат регионалната безбедност и стабилност, по неодамнешните настани на северот на Косово.