Аеродромските служби надлежни за безбедносни проверки, во рамки на своите работни обврски постапувале професионално и според меѓународните стандарди, покажала вонредната контрола на тим од инспектори на Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ), по повторениот увид во доказите во врска со настанот во кој беше инволвирана претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Констатирано е дека аеродромските служби надлежни за безбедносни проверки, во рамки на своите работни обврски постапувале професионално и придржувајќи се до правилата кои се наметнати согласно имплементираната меѓународна регулативата, не дозволувајќи заобиколување на стандардите и процедурите дури и под притисок на лицата кои биле во придружба на патникот.
„Одбивање на спроведување на стандардните безбедносни проверки со истите патници согласно евиденцијата се случиле и во 2022 и 2023 година кога безбедносни проверки се прифатени дури откако водачот на воздухопловот одбил да ги прими патниците во воздухопловот без спроведена безбедносна проверка“, се вели во соопштението на Агенцијата за цивилно воздухопловство.
Видете и ова: Стејт департментот не го коментира инциденот со Османи на скопскиот аеродромОд АЦВ додаваат дека доколку службениците во ТАВ Македонија постапиле различно од пропишаните правила и дозволиле пропусти и заобиколување на пропишаните процедури истите ќе се соочеле со сериозни санкции од Агенцијата како тело надлежно за нивна регулација.
„Со оглед на тоа што се работи за општо прифатени меѓународни стандарди, доколку било кој се сомнева во нивната веродостојност, препорачуваме истата пракса да ја примени на некој од европските меѓународни аеродроми како би можеле да се уверат во нивната примена“, велат од Агенцијата.
Реакција на Османи на извештајот на АЦВ
По објавувањето на наодите на македонската Агенција за цивилно воздухопловство, реагираа од Кабинетот на претседателката Османи. Според оваа институција, во ниту една земја во светот од шефот на државата не се бара да го провери личниот багаж, ниту личната торба, „а не пак и личниот телефон“.
Од оваа институција велат дека од десетици земји во светот што ги посетила претседателката Османи, само аеродромите во Северна Македонија одбиваат да применуваат меѓународни практики и конвенции за шефот на државата.
„Република Северна Македонија ги прекрши меѓународните правила кои се применуваат насекаде во светот со барањето за скенирање на телефонот на претседателот на друга држава, што би претставувало потенцијално нарушување на националната безбедност“, се вели во реакцијата од Кабинетот на косовската претседателка.
Од АЦВ исто така додаваат дека како независно регулаторно тело би сакале да останат надвор од политичките превирања за овој немил настан и жалат што наместо професионална разрешница на овој настан од каде би се извлекле поуки и би се преземале соодветни мерки за нивно ублажување и избегнување во иднина, „сведоци сме на обиди за политичко поентирање и извртување на вистинската причина за неговото настанување“.
Видете и ова: Кабинетот на Османи: „За жалење“ е начинот на кој е разрешен инцидентот на скопскиот аеродромНа 1 август, Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека шефот на обезедувањето на Гаши, со уште двајца членови на тимот, по наредба на спикерот, дошол пред ВИП салонот на аеродромот, дури и репетирал пиштол и влегол во конфликт со полицајците стационирани таму, барајќи одговор зошто се инсистирало косовската претседателка да помине низ безбедносна контрола на аеродромот. Одделот за внатрешна контрола на МВР го суспендираше шефот на обезедувањето и отвори постапка против другите двајца телохранители.
Гаши рече дека го пратил обезбедувањето да ја смири ситуацијата.
Министерството за надворешни работи на Косово настанот на скопскиот аеродром го нарече „несоодветен и незаконски третман од страна на припадниците на аеродромското обезбедување“ кон Османи.
Групацијата ТАВ соопшти дека проверката на косовската претседателка била „во согласност со Законот за воздухопловство и меѓународната законска регулатива која се однесува на обезбедување на цивилното воздухопловство“.
За овој инцидент, и за уште неколку други причини, опозицијата бара смена на Гаши, а Левица поднесе интерпелација за неговата работа.