Мексиканскиот претседател, Андрес Мануел Лопез Обрадор, го отфрли барањето на Украина за апсење на рускиот претседател, Владимир Путин, доколку тој присуствува на инаугурацијата на новоизбраната претседателка, Клаудија Шејнбаум, на 1 октомври.
„Не можеме да го направиме тоа. Не зависи од нас“, рече Лопез Обрадор на прес-конференција на 8 август.
Барањето стигна од Украинската амбасада во Мексико.
Видете и ова: Украина бара Мексико да го уапси Путин, ако дојде на инаугурација на новата претседателка
Киев е „уверен дека мексиканската влада ќе ја исполни“ меѓународната потерница за Путин, истакнаа дипломатите во соопштението од 7 август, мислејќи на налогот издаден од Меѓународниот кривичен суд, чија јурисдикција Мексико ја признава.
Во март 2023 година, Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налози за апсење на Путин и Лвова-Белова, руска комесарка за права на децата. Тие се осомничени за извршени воени злосторства - насилни депортации и раселување на населението, вклучително и деца, од окупираните територии на Украина.
Според официјалните податоци на украинските власти, од 24 февруари 2022 година од Украина во Русија биле депортирани околу 20 илјади деца.